Дали тетоважите можат да ја заштитат кожата од штетните сончеви зраци или само го влошуваат здравјето на кожата? Нова студија на стручњаци од Универзитетот Лунд укажува дека можеби има причина за грижа.
Откривме дека луѓето со тетоважи имаат 29 проценти поголем ризик од развој на меланом, најсмртоносниот облик на рак на кожа кој често се поврзува со изложување на ултравиолетово зрачење, пренесува РТС.
Сепак, тетоважите не изгледаа како фактор што го зголемува ризикот од планоцелуларен карцином, вториот тип рак на кожа поврзан со ултравиолетово оштетување. Иако двата вида карциноми делат заеднички причинител, тие произлегуваат од различни типови клетки и се разликуваат по сериозност, при што меланомот е многу поопасен.
Тетоважите се силен облик на самоизразување и важен дел од современиот идентитет. Во Шведска, приближно секој трет возрасен човек е тетовиран, што покажува дека телесната уметност целосно станала дел од мејнстримот.
И покрај нивната популарност, научниците сè уште не знаат дали тетоважите имаат влијание врз здравјето и како евентуалните ефекти можат да се развиваат со текот на времето.
Епидемиолозите сега се обидуваат да одговорат на овие прашања. Истражувањето е предизвикувачко бидејќи луѓето кои избираат да се тетовираат често се разликуваат од оние што не го прават тоа, на начини кои можат да влијаат врз здравствените исходи.
Друг проблем е тоа што во поголемиот дел од здравствените картони не се бележи дали некој има тетоважи, што го отежнува следењето на долгорочните обрасци. Без таа основна информација тешко е да се утврди дали самите тетоважи влијаат врз здравјето или разликите се последица на други фактори.
Меланомот и планоцелуларниот карцином се развиваат бавно и релативно се ретки, што долгорочните истражувања ги прави уште потешки. Следењето големи групи тетовирани и нететовирани луѓе во текот на многу години би било скапо и одзема многу време.
Затоа тим стручњаци од шведскиот Универзитет во Лунд користел поинаков пристап. Тие почнале со луѓе кои веќе биле дијагностицирани со рак и потоа се вратиле наназад за да откријат кој имал тетоважи. Овој вид истражување, познат како студија на случај и контрола, е ефикасен начин да се откријат потенцијални поврзаности.
Шведска води висококвалитетни национални регистри кои бележат податоци за здравје и демографија. Од Националниот регистар за рак ги идентификувавме сите на возраст од 20 до 60 години кои биле дијагностицирани со меланом во 2017 или планоцелуларен карцином помеѓу 2014 и 2017.
Тоа вклучувало 2.880 случаи на меланом и 2.821 случај на сквамозен карцином. За секој случај избравме по три лица од иста возраст и пол од Регистарот на вкупното население, кои немале рак на кожа.
Потоа на сите учесници им испративме прашалници за тетоважите – украсни тетоважи, трајна шминка и медицински тетоважи, како и за нивната големина, локација и возраста кога првпат се тетовирале. Тоа ни овозможи да утврдиме дали лицето било тетово пред или по развојот на ракот.
Вкупно 5.695 луѓе учествуваа во студијата за меланом (1.598 со меланом) и 6.151 во студијата за сквамозен карцином (1.600 со тој вид рак).
Луѓето со тетоважи имале 29 проценти поголем ризик од развој на меланом во споредба со оние без тетоважи. Зголемувањето на ризикот изгледало најголемо кај оние кои имале тетоважи подолго од десет години, иако бројот на луѓе во оваа група бил мал, па резултатите треба внимателно да се толкуваат.
За планоцелуларниот карцином тетоважите не правеле разлика. Резултатите биле доследни во сите анализи, укажувајќи дека нема поврзаност помеѓу тетоважите и овој тип на рак на кожа.
Исто така, не се најдени докази дека поголемите тетоважи го зголемуваат ризикот. Тоа било неочекувано, бидејќи поголемите тетоважи содржат повеќе мастило, а со тоа и повеќе потенцијално штетни супстанции.
Можно објаснување е дека мастилото од тетоважите не останува ограничено само во кожата. Имунолошкиот систем го препознава како туѓа супстанција и дел од честичките од мастилото ги пренесува во лимфните јазли.
Тие честички може да останат таму долгорочно. Иако сè уште не знаеме дали тоа предизвикува штета, би можело да доведе до хронично воспаление, кое е поврзано со развој на рак.
Друго објаснување може да биде грешка во мерењето – луѓето имаат тенденција да ја преценат големината на тетоважите. Идни студии со попрецизни мерења би можеле да го разјаснат ова прашање.
Начин на живот и збунувачки фактори
Она што ја прави оваа студија уникатна е широкиот опсег на фактори поврзани со начинот на живот кои биле земени предвид. Вклучени се податоци за изложеност на сонце (на работа и во слободно време), користење солариум, пушење, ниво на образование, брачен статус и приход на домаќинството. Исто така го земавме предвид типот кожа, пигментацијата, годините и полот.
Овие детали се важни бидејќи можат да влијаат и на тоа кој се тетовира и на тоа кој развива рак. На пример, луѓето кои многу време поминуваат на сонце може да имаат поголема веројатност да се тетовираат, но и поголем ризик од развој на меланом. Усогласувањето на овие разлики ја намалува пристрасноста и ја засилува довербата во резултатите.
Во истражувањето овој проблем се нарекува конфундирање. Ако збунувачките фактори не се контролираат правилно, можат да ги искриват наодите и да доведат до погрешни заклучоци.
Последното истражување во САД сугерирало дека големите тетоважи можат дури да го намалат ризикот од меланом, но таа студија не ги контролираше клучните фактори како што се типот на кожа или изложеноста на УВ-зраци.
Резултатите, затоа, можат да го одразуваат однесувањето, а не биологијата. На пример, луѓето со големи тетоважи можеби избегнуваат сончање или солариуми за да ги заштитат своите тетоважи, што природно го намалува УВ-оштетувањето.
Значи, дали тетоважите предизвикуваат рак на кожа? Едноставниот одговор е – сè уште не знаеме. Нашите резултати укажуваат на можна поврзаност помеѓу тетоважите и меланомот, но една студија никогаш не е доволна за да докаже причинско-последична врска.
Потребни се повеќе истражувања за да се испитаат потенцијалните биолошки механизми, како што е хроничното воспаление, и да се истражи како различни видови мастила или бои можат да реагираат со УВ-зрачењето.
Составот на пигментите за тетовирање многу варира, а многу од нив содржат соединенија што можат да се разложат во штетни нуспроизводи кога се изложени на сончева светлина или на третмани за отстранување со ласер.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата