Шетајќи по брегот во близина на заливот Голвеј во Ирска, една жена пронашла шише запечатено со плута и восок кое во својата внатрешност криело вознемирувачка содржина, пренесува ирски „Мирор“.
Шишето, кое на себе имало остар мирис и морски наслаги, содржело порака напишана на неколку јазици, што на прв поглед изгледало како сериозен повик за спас. Жената, иако со одредена доза скептицизам дека можеби се работи за шега, веднаш одлучила случајот да го пријави во полицијата, сметајќи дека не смее да се игнорира можноста за спасување на човечки животи.
Пораката била делумно дешифрирана со помош на корисници на социјалната мрежа Редит, при што било утврдено дека дел од текстот е на индонезиски јазик. Во застрашувачката содржина стоело: „Ве молиме, испратете помош, изгубени сме од 20 декември, тројца сме, не го знаеме името на овој остров, повредени сме“. Понатамошните обиди за превод откриле дека во текстот најверојатно се споменуваат и имињата на лицата: „Ли“, „Тоин“ и „Ју Синг“, како и бројката 18, која би можела да ја означува возраста на еден од исчезнатите.
Случајот предизвика лавина коментари на социјалните мрежи, каде многумина ја поддржаа одлуката на жената да ја вклучи полицијата. Корисниците посочуваат дека доколку пораката е автентична, експерти за морски струи би можеле да се обидат да го лоцираат изворот на шишето врз основа на местото каде што е пронајдено. Додека истрагата е во тек, јавноста останува во исчекување дали се работи за морничава шега или за вистинска трагедија што го премостила океанот за да стигне до ирскиот брег.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата