Иднината на рударството повеќе не се потпира само на физичка работна сила, туку на софистицирани алгоритми и роботика. Компанијата „Маријана минералс“, предводена од извршниот директор Тарнер Колдвел, во Јута го управува првиот автономен рудник на светот, „Копер Ван“. Наместо традиционални рудари, на оваа локација доминираат автоматизирани дупчалки и огромни роботски камиони кои самостојно ја транспортираат рудата, додека со целата операција управува платформа базирана на вештачка интелигенција, пишува „Форбс“.
Дополнително, за безбедноста и инспекцијата на теренот од 10.000 акри се грижи познатото роботско куче „Спот“ на „Бостон дајнамикс“, опремено со напредни сензори за патролирање.
Главниот мотив за оваа технолошка револуција е драстичното намалување на трошоците и решавањето на хроничниот недостиг на работна сила. Колдвел истакнува дека автономијата овозможува заштеда до 30% во преработката и неверојатни 40 до 50% во трошоците за ископување. Рудникот претходно бил затворен токму поради високите трошоци и неможноста да се најдат работници во тој регион, што ја прави автоматизацијата не само поефикасно, туку и единствено одржливо решение за модерното време.
Стратешката важност на овој проект е огромна со оглед на тоа што бакарот е клучен за електрониката и батериите, а неговата цена достигнува 13.000 долари за тон. „Маријана минералс“ веќе обезбеди 100 милиони долари инвестиции со цел до 2030 година да произведува 50.000 тони рафиниран бакар годишно. Компанијата не застанува тука – планираат проширување во Тексас, каде со слична технологија ќе извлекуваат литиум од отпадните води на нафтените полиња, потврдувајќи дека вештачката интелигенција во тешката индустрија е многу повеќе од обичен технолошки тренд.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата