logo
logo
logo

ДАЛИ ЗНАЕТЕ ШТО ЗНАЧИ „БОЈСОБЕР“? Запознајте се со сè пораспространетиот тренд на емоционална апстиненција

Vecer | 23.12.2025

ДАЛИ ЗНАЕТЕ ШТО ЗНАЧИ „БОЈСОБЕР“? Запознајте се со сè пораспространетиот тренд на емоционална апстиненција

Правењето пауза од љубовниот живот, односно емоционалната трезвеност, не станува само тренд – се чини дека тоа е вистинска потреба, особено кај генерацијата Z, но и пошироко. Одложувањето на романтичните средби, состаноци и излегувања на одреден период, пократок или подолг, претставува нова желба за љубовна трезвеност, која ја делат и многу познати личности.

Сè пораспространета потреба

Да ја заборавиме сликата на тажната и, да бидеме искрени, помалку несреќна самохрана жена. Денес да се биде сам пред сè е избор, а во некои случаи дури и нужност. На таа основа се појави трендот бојсобер (boysober), кој почна да се шири уште минатото лето. Денес, една година подоцна, тоа повеќе не е само тренд, туку вистинска потреба љубовниот живот да се стави на пауза.

Апстиненцијата од мажи произлегува од фактот дека живееме во општество кое со години им наметнувало на девојките и жените дека мора да имаат партнер, да се свршат, а потоа и да се омажат, дека мора да бидат во врска за да се чувствуваат исполнети. Денес жените решија да кажат – доста. Не затоа што ја изгубиле својата романтична страна, туку затоа што одлучиле да управуваат со својот љубовен живот со темпо и ритам што ним најмногу им одговара. Тоа е избор што го направија и некои славни жени, како Росалија, Кејт Хадсон и Клои Кардашијан. Сите тие одлучија да го стават љубовниот живот на пауза за одреден период, со цел повеќе да се фокусираат на себе.

– Зад терминот бојсобер стои тренд што одразува важна културна промена. Сè повеќе луѓе се одлучуваат за периоди на пауза од љубовни односи или од секс, за да се посветат на себе, на сопствениот раст и развој, како и на психолошката благосостојба. Терминот е создаден на социјалните мрежи, во женските заедници, како истовремено ироничен и сериозен начин да се опише период на апстиненција од состаноци, кокетирање и флертување или врски со машки партнери – објаснува психологот д-р Лоренцо Џакомо.

Овој пристап крие и одреден вид самодисциплина во односите, особено ако отсекогаш сте попуштале под притисокот дека „по секоја цена“ мора да имате маж покрај себе. Земањето време за себе е и начин подобро да се запознаете – сами, а не во пар – да се ослушнете себеси, да ги разберете вашите вистински потреби и, пред сè, да ја обновите вашата ментална енергија.

Зошто жените го избираат овој пат

Една од главните причини е емоционалната преоптовареност, особено ако сте имале незадоволувачки или збунувачки врски што ви создавале стрес. Пауза значи прекин на емоционалните обрасци кои постојано воделе до несакани ситуации и пронаоѓање внатрешен мир.

Друг аспект е притисокот на денешната сцена на запознавање: апликациите за состаноци, со појавата на ghosting (практика на ненадеен и целосен прекин на комуникацијата со некого, без објаснување, најчесто преку социјалните мрежи) и сета неизвесност што ја носат, ја прават љубовта премногу сложена. Boysober, затоа, е вистинска потреба да се фокусирате на себе. Многу луѓе попрво ја насочуваат својата енергија кон себе отколку да ја трошат во врски што носат само збунетост и проблеми.

На прво место: вие самите

Во таа смисла, одлуката да не се излегува со потенцијални партнери и да се воздржува од љубовни врски е начин на самозаштита и ставање на себе и сопствените потреби на прво место.

– Пред сè, со таквата одлука се воспоставуваат лични граници – што можете, а што не можете да прифатите. Тоа денес станува своевидна одговорност кон самите себе – истакнува д-р Џакомо.

Придобивки од одморот од љубовта

Најпрво, почнувате да стекнувате појасна слика за себе и за своите емоции. Тоа понатаму води кон поголема самодоверба и намалување на анксиозноста во врските. Станувате посвесни за тоа што можете да прифатите, а што повеќе не, и емоционално се полните.

И, како што нагласуваат експертите, имајте предвид дека бојсобер воопшто не е движење што ја отфрла љубовта. Напротив, тоа е нов начин на грижа за себе и поголема свесност, со надеж дека во иднина ќе изградите поавтентични и постабилни врски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk