logo
logo
logo

Мистикот Григориј Распутин

Vecer | 30.12.2025

Мистикот Григориј Распутин

Григориј Распутин бил руски мистик, самопрогласен исцелител и јавна личност од почетокот на 20 век. Иако сиромашен селанец, Распутин се издигнал во руското општество преку пријателството со царското семејство и набргу станал редовен гостин на рускиот двор. За него кружеле бројни приказни и гласини, а угледот на царот бил сериозно нарушен поради дружењето со Распутин. Тој бил убиен во Петроград во декември 1916 година.

Неписмен и сиромашен селанец од Сибир

Распутин е роден во 1869 година во селото Покровскоe во централна Русија. Малку се знае за неговиот ран живот. Како млад, не одел на училиште, а да чита и пишува научил дури подоцна во животот. Се оженил со девојка од соседно село кога имал осумнаесет години. Имале седум деца, а таа најголемиот дел од животот го поминала во Покровскоe. Му останала верна до крајот на неговиот живот.

Кога имал 27 години, Распутин решил да ѝ се посвети на религијата и ја напуштил сопругата и родниот крај за да оди на аџилак. Се приклучил на различни религиозни секти и токму тогаш научил да чита и пишува. Се вратил дома целосно променет: не јадел месо, не пиел алкохол и често се молел.

Почеток на исцелителската кариера

Често го напуштал своето село поради разни аџилаци, а до почетокот на 20 век околу себе собрал група следбеници, главно членови на поширокото семејство и селани од неговото родно место.

Според мислењето на руските медиуми од времето на Првата светска војна, Распутин наводно со својата секта често имал оргии, а понекогаш и се самобичувале за да се „ослободат од гревовите“. Денес не постојат докази за вакви активности и овие приказни главно се сметаат за антимонархистичка пропаганда.

Следниот период го поминал патувајќи со својата група низ Русија. Се молеле, пееле и танцувале, а Распутин многу брзо стекнал статус на духовен исцелител и така заработувал. Наскоро пристигнале во Санкт Петербург, каде што Распутин запознал членови на некои богати руски семејства, на кои им помогнал при лекувањето. Веста стигнала и до царицата Александра Фјодоровна, која веднаш го повикала сибирскиот „лекар“ на рускиот двор.

Распутин и Романови

Нејзиниот син Алексеј боледувал од хемофилија, односно генетска болест што го спречува нормалното згрутчување на крвта. Царскиот син Алексеј при секоја повреда трпел голема загуба на крв, што повеќепати го доведувало во сериозна опасност. И покрај бројните лекари и свештеници, руското царско семејство не знаело како да го излекува својот син.

Распутин наводно успеал во тоа. Тврдел дека користел стари православни методи и читал книги на стари православни секти уште од времето на Иван Грозни. Се обидувал да се прикаже како мистичен и егзотичен додека го лекувал синот на рускиот цар. Иако не знаеме со сигурност како точно Распутин го излекувал Алексеј, најприфатената теорија вели дека го тргнал принцот од силните лекови што му ги давале докторите.

Потоа, Распутин станал близок пријател на царот Николај и неговото семејство. Сè повеќе време поминувал на рускиот двор и во друштво на Романови. Царевите нови пријатели ги забележале и неговите политички противници, кои веднаш почнале да го обвинуваат дека се дружи со непристоен селанец и сибирски фанатик.

Поради пријателството на царот со мистикот ја изгумил власта

Николај II Романов бил последниот руски цар. За време на неговото владеење избувнала Руската револуција, бидејќи народот барал подобро политичко претставување и реформи за земјата да влезе во фаза на индустријализација.

Сепак, Николај го изневерил народот по револуцијата, донел неколку закони со кои самиот станал врховен владетел на државата, што повторно предизвикало незадоволство. Рускиот народ сè повеќе осиромашувал, а царот, наместо да се занимава со проблемите, уживал во друштвото на Распутин.

Во 1916 година Николај веќе бил на боиштето, откако изјавил дека лично ќе ја води руската војска во војна против Германците. Неговите генерали му рекле дека е некомпетентен за таква задача и дека треба да им ја препушти војната на искусните команданти, но тој не ги послушал. Замнал на боиштето, а управувањето со државата ѝ го оставил на својата сопруга, етничка Германка, и на Распутин.

Смртта на Распутин

Рускиот народ до 1916 година го зафатила глад и сиромаштија, многумина вината ја префрлиле врз Распутин. Група благородници испланирала убиство. Го повикале Распутин на состанок, каде што го послужиле со колачи и вино отруени со цијанид. Според легендата, Распутин ги изел сите колачи и испил три чаши вино, но отровот не делувал. Феликс Јусупов, еден од заговорниците, потоа зел револвер и го застрелал Распутин, запрепастен што мистикот не умрел од толкава количина отров.

Потоа тој и неговата група ја зеле неговата облека и отишле до неговата куќа во Петроград за да изгледа како Распутин таа вечер да се вратил дома. По кратката инсценација, се вратиле на местото на состанокот, каде што живиот и ранет Распутин ги нападнал. Повторно го застрелале и го фрлиле во реката Нева. Телото било пронајдено три дена подоцна, а обдукцијата утврдила дека белите дробови му биле полни со вода и дека, на крајот, умрел од давење, таа ноќ, на 30 декември 1916 година.

Треба да се знае дека репутацијата на Распутин и фактот што сите во Петроград знаеле за него одиграле значајна улога во создавањето на приказните за неговиот живот. Тој бил предмет на многу трачеви и за него постојат бројни непроверени информации. Токму поради тие приказни, Распутин станал дел од современата поп-култура и една од најпознатите руски личности во светската историја.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk