Во време кога сè ни е достапно со два клика, а трпението трае, Чет џи-пи-ти стана дигитален сопатник без кој многумина веќе не можат да си го замислат денот.
Го прашуваме што да готвиме, како да напишеме мејл, дали некоја вест е точна, како да смислиме наслов што ќе привлече кликови, па дури и да ни ги објасни сопствените мисли кога мозокот ни е во хаос. Изгледа како во џебот да имаме комбинација од енциклопедија, професор, копирајтер и психолог – но токму тука се крие малата замка. Колку што алатката е помоќна и подостапна, толку очекувањата се поголеми, а начинот на користење често површен.
Интересно е што најголемите грешки што корисниците ги прават со Чет џи-пи-ти не се технички, туку човечки. Проблемот не се алгоритмите, туку нетрпеливоста, непрецизноста и желбата за инстант совршенство без јасни инструкции. Многумина му пристапуваат како на автомат за готови одговори, а не како на систем што најдобро функционира во дијалог. Очекуваме брилијантност без контекст, прецизност без детали и креативност без насоки, па потоа се прашуваме зошто резултатот не е баш „тоа тоа“.
Поставување нејасни и прекратки прашања
Една од најголемите грешки што корисниците ја прават е поставување нејасни и многу кратки прашања, а потоа се изненадуваат кога одговорот не е токму она што го очекувале. Вештачката интелигенција не чита мисли – ако напишете „напиши текст“, без контекст, тон, должина или целна публика, ќе добиете коректен, но општ одговор, по што следи разочарување.
Колку попрецизно објасните што сакате – стил, публика, емоција, па дури и ритам на текстот – толку подобар ќе биде резултатот. Чет џи-пи-ти е како талентиран писател што чека уреднички бриф, но ако брифот е нејасен, таков ќе биде и текстот.
Слепо верување на Чет џи-пи-ти
Втората честа грешка е слепо верување на сè што ќе прочитате. Иако алатката е моќна, не е непогрешлива, а луѓето често го земаат првиот одговор како апсолутна вистина без дополнителна проверка, особено кога станува збор за податоци, статистики или актуелни теми. Тоа е приближно како да се кладите со пријател во кафуле и веднаш да ги ставите парите на маса.
Паметните корисници го користат Чет џи-пи-ти како почетна точка, инспирација или помошник за размислување, а не како конечен извор на вистината. Тие знаат дека комбинацијата од човечка проценка и ВИ асистенција дава најдобри резултати.
Не започнувате дијалог и не ги тестирате границите
Третата голема грешка е пасивното користење на Чет џи-пи-ти. Многумина поставуваат едно прашање, добиваат одговор и тука застануваат, не сфаќајќи дека вистинската сила е во дијалогот. Кога барате дополнителни објаснувања, поинаков агол, пократка или подолга верзија, посериозен или похумористичен тон – тогаш алатката навистина блеснува. Тоа е процес, а не автомат – колку повеќе „разговарате“, толку одговорите стануваат попрецизни и поквалитетни.
Постои и една забавна, но честа грешка: тестирање на границите без вистинска потреба. Луѓето понекогаш поставуваат трик-прашања, се обидуваат да го збунат системот или бараат нелогични работи само за да видат дали ќе згреши. Секако дека ќе згреши – како и секоја алатка. Тоа е како да купите миксер и да го користите за заковување шајки во ѕид. Може да биде забавно, но не е поентата – многу покорисно е да научите како да го извлечете максимумот од она за што е наменет.
Преголеми очекувања
На крајот, можеби најголемата грешка е очекувањето дека Чет џи-пи-ти ќе го замени личното размислување, трудот или креативноста. Тој може да помогне да го забрзате процесот, да ја надминете блокадата, да добиете идеја кога мозокот ви е „на пауза“, но не може да живее наместо вас, да мисли наместо вас ниту да носи животни одлуки.
Најдобрите резултати се појавуваат кога се спојуваат човечката интуиција и ВИ прецизноста. Кога го користите паметно, тој станува продолжение на вашата љубопитност, а кога го користите површно – останува само уште една интересна апликација во низата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата