Умор, болки во зглобовите, осип и дигестивни пречки можат да личат на многу други состојби, поради што патот до дијагнозата на автоимуна болест често трае со месеци, па дури и со години.
Годините на трагање по дијагноза не се реткост кај автоимуните болести. Уморот, болките во зглобовите, проблемите со варењето или осипот во почетокот често се поврзуваат со стрес, вирусни инфекции или хормонални промени, поради што патот до вистинската причина може да потрае, вели д-р Тушар Тајал, специјалист по интерна медицина.
„Автоимуните болести настануваат кога имунолошкиот систем по грешка ги напаѓа сопствените ткива, наместо да го штити организмот од инфекции. Денес се познати повеќе од 80 вакви заболувања, меѓу кои се Хашимотов тироидитис, ревматоиден артритис, лупус, мултипла склероза, целијакија и псоријаза. Иако не се ретки, нивното препознавање често претставува голем дијагностички предизвик“, наведува д-р Тајал.
Симптомите личат на многу почести болести
Според зборовите на интернистот, кај повеќето пациенти не постои еден карактеристичен симптом кој веднаш укажува на автоимуна болест.
„Најчесто се јавуваат долготраен умор, болки во зглобовите и мускулите, осип, тегоби со варењето, необјаснива температура или општа слабост. Проблемот е што истите симптоми можат да се јават и кај вирусни инфекции, хормонални нарушувања, стрес или недостаток на сон, па во почетокот честопати не се ни сомневаме на автоимуна болест“, објаснува д-р Тајал.
Дополнителна тешкотија претставува тоа што тегобите не се јавуваат секогаш со ист интензитет. Кај многу автоимуни болести се менуваат периоди на влошување и фази кога симптомите речиси целосно исчезнуваат. Поради тоа, пациентите можат да стекнат впечаток дека проблемот е минлив, а болеста останува непрепознаена.
Еден наод не е доволен
За разлика од одредени болести кои можат да се потврдат со само еден тест, кај автоимуните заболувања дијагнозата се поставува врз основа на повеќе податоци – симптоми, лабораториски анализи, прегледи и, по потреба, дополнителни испитувања.
„Присуството на одредени автоантитела може да биде важна траг, но не е пресудно. Некои лица со автоимуна болест немаат карактеристични антитела, додека тие можат да се најдат и кај целосно здрави луѓе. Затоа дијагнозата не се поставува само врз основа на лабораториски наоди“, сугерира докторот.
Автоимуните болести можат да зафатат речиси секој орган, па првите симптоми често одредуваат и кај кој специјалист ќе се обрати пациентот.
„Некој поради осип оди кај дерматолог, поради тегоби со варењето кај гастроентеролог, поради трпнење кај невролог, а поради болки во зглобовите кај ревматолог. Дури кога сите наоди и симптоми ќе се согледаат заедно, може да се забележи моделот кој укажува на автоимуна болест“, истакнува д-р Тајал.
Експертите нагласуваат дека токму затоа е важно упорните или необјасниви тегоби да не се занемаруваат. Кога симптомите траат, се враќаат или зафаќаат повеќе органски системи, потребно е повторно да се јавите кај лекар, бидејќи раното поставување на дијагнозата овозможува навремено лекување и може да го забави напредувањето на болеста.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата