Европа се соочува со вистинска климатска апокалипса. Екстремни температури кои надминуваат 40 степени Целзиусови, во комбинација со повеќемесечна суша и силни ветришта, го претворија континентот во огнено жариште. Според проценките на Светската здравствена организација (СЗО), повеќе од 1.300 луѓе веќе ги загубија животите како директна последица на незапаметениот топлотен бран.
Службата „Коперник“ потврди дека Западна Европа го задржа најтоплиот јуни во историјата на мерењата, создавајќи совршени услови за огнените стихии што сега голтаат сè пред себе.

Западна Европа: Пепел, евакуации и откажани национални празници
- Франција под вонредна состојба: Над 7.000 хектари се веќе пеплосани. Во Источните Пиринеи, огнот за неколку часа целосно проголта 250 туристички бунгалови во три кампа. Трагедијата ја зафати и митската шума Фонтенбло близу Париз, каде изгореа 800 хектари, а илјадници луѓе беа евакуирани. Поради безбедност, десетици градови ги откажаа традиционалните огномети за денешниот национален празник – Денот на Бастилја (14 јули). Претседателот Емануел Макрон алармираше: „Во 9 од 10 случаи, виновник е човечкиот фактор!“
- Смртоносен пекол во Шпанија: Во Андалузија, во близина на Лос Гаљардос, силниот ветер го прошири пожарот со застрашувачка брзина, однесувајќи човечки жртви. Истрагата води кон сомнеж дека пожарот бил предизвикан од пад на далекувод кај автопатот Н-340.
- Португалија бара европска помош: Огнот во областа Вузела проголта неверојатни 12.000 хектари земја. Повеќе од 1.200 пожарникари се на терен, а Лисабон официјално го активираше Механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Ситуацијата е критична и на италијанскиот остров Сардинија.
„Комбинацијата од климатските промени, продолжените топлотни бранови и сушните периоди значи дека ваквите екстремни пожари стануваат нашата нова, сурова реалност.“ – предупредуваат експертите.

Балканот на нозе: Огнот беснее во Грција и Хрватска
На Балканот состојбата е на раб на колапс. Грција прогласи екстремно висок ризик за Солун и Килкис, каде веќе горат огромни површини, а Атика е во состојба на целосна приправност.

Во Хрватска, огнениот фронт ги зафати елитните острови. На Корчула (меѓу Блата и Смоквица) околу 300 пожарникари со канадeри се борат против огнениот ѕид, додека на Хвар пепел станаа повеќе од 200 хектари густа вегетација.
Предупредување за претпазливост пристигна и од Србија, каде надлежните од „Србија шуми“ апелираат дека во овие пеколни денови, дури и најмалата искра од запалено стрниште или растителен отпад може да предизвика непоправлива национална катастрофа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата