logo
logo
logo

Бигорски ги кани верниците на манастирската слава за Рождеството на Свети Јован Претеча–Иванден

Vecer | 05.07.2024

Бигорски ги кани верниците на манастирската слава за Рождеството на Свети Јован Претеча–Иванден

- Во сабота, на 6 јули, во Свештената бигорска Обител ќе се отслужи сеноќно бдение, коешто ќе започне во 20:30 часот, а на кое молитвено ќе претстои старецот и игумен на бигорската Обител, Неговото Преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј. Во недела наутро, на 7 јули, во 08:45 часот ќе започне архиерејската Божествена Литургија, со којашто ќе чиноначалствува Старецот Епископ г. Партениј, информираат од Бигорскиот манастир.

Додаваат дека славното Бигорско светилиште, кое низ вековите било гордост на нашите предци и столб на нивната православна вера и култура, особено за жителите на овие краишта и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската вистина и да ги јакне верата и здравите вредности меѓу народот. 

Затоа, порачуваат, да ја покажеме и ние должната почит кон светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на светиот Претеча. 

- Ја имаме големата чест и радост, во името на Христовиот пророк и крстител, да ги поканиме сите благочестиви Христијани да се присоединат кон неговото големо торжество, бидејќи тој, во денот на своето Рождество е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна Бигорска икона и чесните мошти што се пазат во неговиот храм ги слуша и исполнува молитвите на оние коишто со љубов и вера го повикуваат, тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена“ ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите коишто ревносно го чествуваат неговиот спомен, нагласуваат од манастирот.

Посочуваат дека и кога секој човек неизмерно се радува кога ќе биде посетен од своите драги пријатели на денот на својата свеченост, тогаш „колку ли, пак, повеќе Светиите Божји ги милуваат оние кои ги чествуваат“. 

- Молитвите на свети Јован Пророк, Претеча и Крстител, да бидат со сите нас, посакуваат од Бигорскиот манастир.

Традиционално за празникот се очекува големо присуство на верници и гости од сите делови на државава.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk