Истражувањата покажуваат дека приближно половина од возрасните во Америка и Европа не консумираат доволно магнезиум во нивната секојдневна исхрана. Недостатокот на овој важен минерал може да се манифестира преку замор, мускулни грчеви, слабост, губење на апетит, а во посериозни случаи, нарушување на срцевиот ритам и чувство на вкочанетост.
Вашиот лекар може да препорача земање додатоци на магнезиум за да го надомести недостатокот. Сепак, покрај изобилството на достапни информации, правилата за дозирање и методите на употреба може да изгледаат збунувачки.
Во вирално видео на TikTok, д-р Џени Боуринг рече: „Се обложувам дека повеќето луѓе земаат магнезиум во погрешно време“. Во теорија, магнезиумот може да се зема во секое време од денот. Сепак, многумина го поврзуваат со подобар сон и релаксација во текот на ноќта.
„Магнезиумот го зголемува нивото на ГАБА, невротрансмитер кој промовира релаксација и предизвикува поспаност“, изјави за Best Life д-р Шелби Харис, директор за здравје на спиење во Sleepopolis.
„Исто така, го поддржува производството на мелатонин – хормон кој ги регулира циклусите на спиење и будење – и ги релаксира мускулите, што може да спречи грчеви и непријатност што го нарушуваат сонот“.
Иако логиката налага дека магнезиумот е корисен да се зема навечер, Боуринг верува дека утрото всушност е подобар избор.
„Магнезиумот помага во балансирање и смирување на нервниот систем во текот на денот, па затоа препорачувам да го земате веднаш по будењето“, објасни таа.
Важна е и формата на магнезиум што ја консумирате. Најчести се магнезиум оксид, цитрат и малат, но Бовринг не ги препорачува.
„Овие форми имаат мала биорасположивост, што значи дека се слабо апсорбирани од телото“, објасни таа во друго видео.
Наместо тоа, препорачува магнезиум бисглицинат.
„Благодарение на глицинот, оваа форма многу подобро се апсорбира“, истакна Боуринг.
Освен што полесно се апсорбира, магнезиум бисглицинат покажува најдобри ефекти кога се зема наутро.
„Помага во метаболизмот на јаглехидратите, мастите и протеините – тоа е моментот кога консумираме најголем дел од нашите калории“, рече Боуринг.
Според Drugs.com, земањето магнезиум наутро може да придонесе за повисоки нивоа на енергија, подобра концентрација и полесно справување со стресот.
Иако магнезиумот може да се зема на празен стомак, често се советува да се комбинира со помал оброк за да се избегнат можните несакани ефекти како дијареа, гадење или болки во стомакот. Како и со секој додаток, пред да го внесете магнезиумот во вашата дневна рутина, консултирајте се со вашиот лекар – особено ако веќе земате одредени лекови.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата