Метеорскиот дожд Лиридa, еден од најстарите познати прикази на ѕвезди кои паѓаат, веќе е во тек, а околу 18 метеори на час се очекува да бидат видливи во текот на ноќта, вклучително и некои екстремно светли „ѕвезди кои паѓаат“, соопшти Американското метеорско друштво.
Метеорскиот дожд Лиридa трае од 17 до 26 април, но максимумот ќе го достигне во текот на ноќта од понеделник, 21 април, во вторник, 22 април, објави Форбс.
Раните часови по полноќ, кога која било локација на планетата Земја е најтемна, се најдобри времиња за набљудување на метеорски дожд.
Иако се чини дека „ѕвездите што пaѓаат“ доаѓаат од соѕвездието Лира на источното небо, тие можат да се појават каде било на небото.
Соѕвездието Лира, чиј најсветлиот дел е ѕвездата Вега, се издигнува на североисточното ноќно небо во април неколку часа по зајдисонце, а шансите да се видат ѕвезди кои паѓаат ќе се зголемуваат како што ќе напредува ноќта.
„Побарајте ги по околу 22:30 часот по локално време до зори, а најдобрата шанса да ги видите е околу 5 часот наутро“, се вели на блог пост објавен од американската Национална аеронаутичка и вселенска администрација (НАСА).
Повеќето дождови од метеори се предизвикани од прашина и остатоци што ги оставила некоја комета во внатрешниот Сончев систем, но за Лиридите матичната комета е прилично мистериозната „C/1861 G1“ за која не се знае многу.
Кометата чии траги го предизвикуваат метеорскиот дожд Лирида беше последен пат во нашиот дел од Сончевиот систем во 1861 година и нема да се врати во овој дел од Сончевиот систем до 2283 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата