Додека празниците традиционално се синоним за големи семејни собири, патувања и забави, генерацијата Z оваа година пишува нови правила. Без патувања, без забави и без притисок – тоа е новиот празничен план за многу млади кои метежот и стресот попрво ги заменуваат со мирот на сопствениот дом.
Пример за таков пристап е 28-годишниот Џејкоб Сајц, кој и овој Божиќ ќе го прослави сам. Денот на благодарноста го поминал работејќи, а ќе работи и за Нова година, но тоа воопшто не му пречи. Тоа, вели, е негов план веќе последните две години.
„Минатата година отидов дома малку порано во декември, па Бадникот и Божиќ ги имав само за себе“, раскажа тој за Yahoo News. „Гледав пладневна проекција на Носферату, потоа си испеков пилешко, пиев шампањ и го гледав филмот The Holdovers. Тоа беше мојот Божиќ. Беше навистина убаво и за мене тоа веќе е нешто нормално.“
Финансиски притисок и бегство од конзумеризмот
Но, не сите се среќни со таквиот избор. Ноела Вилијамс (26) нема да може да ја посети семејството во родниот град, па празниците ќе ги помине сама во својот стан во Њујорк. Таа признава дека чувствува празнична тага.
„Сакав да одам дома, но морав да бидам реална во врска со моите ограничени финансии на крајот од годината“, вели таа. „Колку и да би сакала да летнам на Флорида за да го видам семејството, се обидувам да бидам благодарна за слободното време што го имам за одмор во Њујорк.“
Дополнителен товар ѝ создава и агресивниот конзумеризам кој, како што вели, го уништил духот на празниците. „Конзумеризмот ја расипа празничната сезона и се чувствувам како да сум во пекол од реклами – во метрото, во мојата електронска пошта и среде која било телевизиска емисија или филм“, вели Вилијамс.
Нејзиното чувство го делат многумина. Иако Американците генерално чувствуваат финансиски притисок – при што 53% од испитаниците во анкетата на Yahoo/YouGov сметаат дека економијата се влошува, а 79% тврдат дека плаќаат повеќе за истите производи – генерацијата Z е особено погодена. Анкетата на Deloitte покажа дека купувачите во дваесеттите години ја намалуваат празничната потрошувачка за дури 34%, значително повеќе од која било друга возрасна група.
Извештајот на PwC наведува нешто помал пад од 23%, но и тоа претставува значајно намалување во споредба со минатата година. Стручњаците тоа го припишуваат на лошиот пазар на труд за младите и растечките трошоци за живот. „Имаат повеќе животни трошоци… што ги прави уште посвесни за буџетот, обидувајќи се да го истегнат својот долар колку што е можно повеќе“, објасни Али Фурман од PwC.
„Рецесијата е тука и одовде оди само надолу“, вели Вилијамс. „На пријателите за Божиќ им подарувам рачно напишани честитки и домашно изработени подароци. Тоа ми изгледа поискрено од подароци што и онака едвај би можела да си ги дозволам.“
Потрага по мир и сопствени правила
Покрај финансиските причини, желбата за осама произлегува и од потребата за мир. Леа (26) оваа сезона се чувствува малку како Гринч, а за тоа го обвинува неодамнешниот Ден на благодарноста што го поминала со пријатели. Петчасовното чекање на оброкот, иако вкусен, и чувството на заробеност од туѓ распоред ѝ биле повик за будење.
„Повеќе сакам да славам сама затоа што така можам да ги контролирам сценаријата“, вели таа. „Одбив многу покани за Божиќ и Нова година за да си го зачувам мирот, бидејќи Денот на благодарноста толку многу ме одврати.“
Вилијамс, исто така, се бори со чувството на осаменост, особено поради сезонската депресија и заморот на крајот од годината. „Се обидувам да се потсетам дека не сум единствената што го поминува ова и да внесам спонтаност во неделната рутина. Тоа ми помага да ја ублажам тагата“, објаснува таа.
Нова година во тренерки наместо во клуб
Сајц смета дека дел од овој тренд е природен процес на созревање и создавање сопствени правила, но дека сè е дополнително засилено од тешкиот пазар на труд и постојаните општествени поделби. Тој верува дека ваквото расположение ќе продолжи и по Божиќ.
„Не познавам баш многу луѓе што планираат да излезат за Нова година, ниту пак сум слушнал за многу новогодишни забави“, вели тој. Тоа го потврдува и неодамнешната анкета на апликацијата Sunny, според која 46% од припадниците на генерацијата Z повеќе сакаат да ја дочекаат Новата година гледајќи Netflix отколку на забава (36%).
Вилијамс е отворена и за домашна забава – без прескапи влезници за клубови – но ќе биде среќна и ако остане дома. „Всушност сакам да создавам нови традиции“, вели таа. „Така знам дека еден ден мојот Божиќ ќе биде повеќе од повторно гледање на божиќните специјали на Покемон.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата