Околу 10.000 страници документи поврзани со атентатот на сенаторот Роберт Кенеди во 1968 година беа објавени денеска како дел од тековниот процес на откривање државни тајни по налог на американскиот претседател Доналд Трамп.
Сенаторот Кенеди беше смртно ранет на 5 јуни 1968 година во хотелот „Амбасадор“ во Лос Анџелес, веднаш по одржувањето на победничкиот говор на прелиминарните избори на Демократската партија во Калифорнија.
Неговиот убиец Сирхан Сирхан е осуден за убиство од прв степен и издржува доживотна затворска казна.
Администрацијата за национална архива и евиденција на САД објави 229 досиеја кои ги содржат гореспоменатите страници на својата официјална веб-страница.
Многу документи поврзани со атентатот претходно беа објавени во јавноста, но некои останаа недигитализирани и складирани со децении во складишта со федерално управување, пренесува АП.
„Речиси 60 години по трагичното убиство на сенаторот Роберт Ф. Кенеди американскиот народ сега има можност за прв пат да ја разгледа истрагата на федералната влада, благодарение на раководството на претседателот Трамп“, рече директорот на Националното разузнавање Тулси Габард.
Таа додаде дека објавувањето на документите „конечно фрла светлина на долго скриената вистина“.
Објавувањето на документите за атентатот на Кенеди доаѓа еден месец откако беа објавени нередактирани досиеја за атентатот на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди во 1963 година.
Тие документи им дадоа на заинтересираните страни повеќе детали за тајните операции на САД во други земји за време на Студената војна, но не ги потврдија распространетите теории на заговор за тоа кој го убил ЏФК, според АП.
Со години, Трамп се залага за транспарентност преку објавување на документи поврзани со познати атентати и истраги.
Во исто време, тој долго време изразува сомнеж кон американските разузнавачки агенции, а објавувањето на некогаш доверливи документи од неговата администрација ја отвора вратата за дополнителен јавен увид и преиспитување на заклучоците и активностите на институциите како ЦИА и ФБИ.
Во јануари, Трамп потпиша извршна наредба со која наредува објавување на владините документи поврзани со атентатите на Роберт Кенеди и Мартин Лутер Кинг помладиот, кои беа убиени со разлика од само два месеци.
Роберт Ф. Кенеди Џуниор, син на демократскиот сенатор од Њујорк и актуелен министер за здравство и човечки услуги на САД, ги пофали Трамп и Габард за нивната „храброст“ и „упорната борба“ да ги објават документите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата