Колку пати сте сонувале да се збогатите преку ноќ и засекогаш да се ослободите од финансиските проблеми? Веројатно многу пати. Вакви соништа имале Пол Рејнард и Мајкл Гвин од Баликасл, Северна Ирска, но немале поим дека соништата ќе им се остварат.
Пол и Мајкл биле на одмор кај некој пријател фармер кој ги замолил да му помогнат да го побара својот венчален прстен. Му паднал на поле додека работел. За полесно да ја најдат бурмата, Пол и Мајкл донеле детекторот за метал, кој Пол секогаш го носел со себе. Го купил пред девет години и го платил нешто повеќе од 700 евра.
- Уште како дете сонував да најдам богатство, затоа купив детектор за метал. Секогаш го носев со себе и пребарував на местата каде што одев. До тој ден не најдов ништо освен неколку пени. Кога почнавме да го бараме венчалниот прстен на нашиот пријател, немавме поим дека ќе налетаме на вистинско богатство – изјавил возбудено Пол.
Отпрвин наишле на неколку изгубени пари, шајка, стара потковица... И потоа детекторот почнал да пишти, и Пол почна да копа во калта. Во еден момент извадил стара паричка извалкана со кал, без да биде свесен дека стои на вистинско богатство.
-Почнав избезумено да копам и да вадам парички од калта една по една. Скокнав и почнав да викам, трчајќи кон Мајкл: Најдов богатството! Тој скокна како лудак и ми помогна да продолжиме со копањето. Тоа беше големо купче стари монети - возбудено изјавил Пол.
Пронашле 84 монети, од кои едната била стара најмалку 500 години! Најстарата монета датира од 1512 година и е направена за време на владеењето на кралот Хенри VIII. Според проценките, би можела да вреди околу 6.000 евра. Имало и монета од 1546 година, чија проценета вредност е околу 3.500 евра.
- Тоа беше неверојатно чувство. Тоа е како да ги проверувате броевите на лотарија и сте сфатиле дека сте освоиле џекпот. Бев толку среќен, можев да пеам и да плачам од среќа истовремено – кажал Пол.
Тој ги однел монетите во музејот во Алстер на проценка, а според првичните проценки колекцијата би можела да вреди околу 119.000 евра. Според ирскиот закон, тој е обврзан да ги подели парите со сопственикот на земјиштето каде што се пронајдени монетите. А бурмата? Таа сè уште е некаде изгубена, пишува „Индепендент“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата