Ако имате проблем со запек, храната што ја јадете може да игра клучна улога. Лененото семе е природна и здрава опција што може да помогне во ублажување на овој проблем.
Овие мали, овални семки со тврда и сјајна обвивка доаѓаат од растението лен (Linum usitatissimum) и веќе некое време се сметаат за вистинска суперхрана. Тие се богати со растителни влакна и придонесуваат за подобро варење и одржување на здрава телесна тежина. Можат да се јадат сами, да се додаваат во вода или во јадења, но важно е да не се претерува – иако се здрави, можат да предизвикаат несакани ефекти ако се земаат во големи количини.
Како лененото семе помага при запек?
Запекот се јавува кога празнењето на цревата се случува ретко, а столицата станува тврда и тешка за „исфрлање“. Истражувањата покажуваат дека консумирањето на околу 10 грама ленено семе дневно во текот на 12 недели може значително да ги ублажи симптомите на запек, дури и кај постари возрасни лица.
Еве зошто е корисно
• Богато е со растителни влакна: Една лажица ленено семе содржи околу 2,8 грама растителни влакна – и растворливи и нерастворливи. Нерастворливите влакна додаваат волумен на столицата, што го поттикнува празнењето на цревата, додека растворливите влакна ја омекнуваат столицата и го олеснуваат нејзиното исфрлање.
• Содржи слуз (муцилагинозни супстанции): Кога се потопува во вода, семето ослободува слузна супстанца која ја обложува столицата и го олеснува нејзиното поминување низ цревата.
• Помага во развојот на здрави цревни бактерии: Лененото семе има пребиотски својства – ги храни добрите бактерии во цревата, што го подобрува варењето и редовноста на столицата. За луѓе кои страдаат од хроничен запек или синдром на иритабилни црева, тоа може да дејствува како благ, природен лаксатив кој не предизвикува зависност.
Колку ленено семе треба да се зема?
Се препорачува да се земаат 1-2 лажици дневно (10-15 грама), со најмалку 150 мл течност – вода, млеко или друга течност. Најдобро е да започнете со помала количина, особено ако не сте навикнати на исхрана богата со растителни влакна. Исто така, треба да пиете доволно течности во текот на денот (најмалку 2-2,5 литри), бидејќи влакната апсорбираат вода, а без нив, столицата може дополнително да се стврдне.
Важно: Меленото ленено семе подобро се апсорбира и е поефикасно од целите семиња, кои можат да поминат низ системот без да се сварат.
Како да се користи?
• Топла вода со лен: Сомелете ленено семе и додадете една лажица во чаша топла вода. Пијте наутро, пред појадок.
• Бомбици од ленено семе: Измешајте мелено ленено семе со мед и малку кокос или путер од кикирики. Обликувајте мали топчиња и користете ги како здрава ужина.
• Ленено семе во прав: Можете да додадете мелени семки во домашен леб, крекери или да ги посипете врз печен зеленчук.
• Вода од ленено семе: Потопете една лажица цели семки во чаша вода и оставете преку ноќ. Наутро, испијте ја згусната течност заедно со семките.
• Додаток во оброкот: Додадете лен во овесна каша, јогурт, смути или салата – лесен начин да го збогатите оброкот со растителни влакна.
Дали има несакани ефекти?
Лененото семе е генерално безбедно и корисно, но може да предизвика несакани ефекти ако не се користи правилно. Недоволниот внес на течности може да доведе до надуеност, гасови и грчеви, а во ретки случаи и до дијареја. Луѓето со хормонски чувствителни состојби, како што се рак на дојка или јајници, треба да се консултираат со лекар поради присуството на лигнани, кои имаат благ естрогенски ефект.
Алергиските реакции се ретки, но можни. Исто така, ленот може да влијае на апсорпцијата на лекови, особено за тироидната жлезда и згрутчувањето на крвта, па затоа се препорачува пауза од 1-2 часа помеѓу консумирањето ленено семе и терапијата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата