Лекарите истакнуваат дека квалитетниот сон е клучен за закрепнувањето, паметењето и концентрацијата, бидејќи токму во текот на ноќта мозокот се „обновува“ и ги организира информациите собрани во текот на денот.
„Ноќта е време кога мозокот извршува голем дел од своето закрепнување“, објаснува д-р Јасдип С. Хундал за Parade. Невролозите предупредуваат дека редовното консумирање алкохол би можело негативно да влијае врз мозокот и неговите функции.
„Алкохолот негативно влијае врз мозокот“, вели д-р Фавад Мијан, невролог и основач на клиниката Ascend Regenerative. Тој објасни дека алкохолот делува токсично врз мозочните клетки и ги нарушува процесите важни за здравјето на невроните.
Д-р Џесика Зверлинг додава дека долготрајното и зачестено пиење може да влијае врз деловите од мозокот задолжени за паметење, рамнотежа, планирање и носење одлуки.
„Се јавува немирен сон, почести будења и непријатни соништа“
Лекарите особено предупредуваат на вечерното консумирање алкохол, бидејќи тоа го нарушува квалитетот на сонот. Иако многумина мислат дека чаша вино или коктел им помагаат да заспијат, ефектот е краткотраен.
„Алкохолот делува како седатив во првата половина од ноќта“, вели д-р Пол Е. Бендхајм.
„Во втората половина од ноќта се јавува немирен сон, почести будења и непријатни соништа“, додава тој. Д-р Хундал истакнува дека поради тоа мозокот не поминува низ фазите на длабок сон кои му се потребни за вистинско закрепнување и обработка на информациите.
Затоа невролозите препорачуваат навики кои го поддржуваат квалитетниот сон и здравјето на мозокот. Тие советуваат одење на спиење во исто време секоја вечер, лесна прошетка по вечерата и помалку користење на телефонот пред спиење.
„Доцното ноќно скролање го држи мозокот стимулиран и го отежнува преминот во сон“, предупредува д-р Мијан. Тие додаваат и дека во последните години сè повеќе се доведува во прашање тврдењето дека умереното консумирање алкохол е целосно безбедно за здравјето на мозокот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата