logo
logo
logo

Близнаци разделени по раѓањето воделе РЕЧИСИ ИДЕНТИЧНИ животи: Се сретнале после 39 години

Vecer | 03.04.2025

Близнаци разделени по раѓањето воделе РЕЧИСИ ИДЕНТИЧНИ животи: Се сретнале после 39 години

Приказната за двајца близнаци кои биле разделени при раѓањето, но живееле речиси идентичен живот, и покрај тоа што никогаш не се виделе или слушнале еден со друг, и по децении продолжува да ја интригира светската јавност.

Повторно заедно по 39 години

Близнаците Џим Луис и Џим Спрингер биле дадени на посвојување како бебиња и израснале во посебни домови оддалечени 65 километри во Охајо, САД. Дури кога наполниле 39 години, конечно се обединиле - само за да откријат дека практично го живееле истиот живот, пренесува Mirror.

Близнаците се родени во 1940 година, а чудните сличности започнале кога нивните посвоители го избрале истото име за двете бебиња. Затоа се познати како Џим Твинс, но сличностите не застануваат тука.

Сè е исто, само двојно

И двајцата близнаци пораснале со полубрат по име Лери и куче по име Тои. Како што старееле, и двајцата се обучувале за спроведување на законот.

Можеби најчудно од се е што и двајцата се венчале двапати, а двете сопруги го носеле истото име. Првите сопруги се викале Линда, додека во вториот брак и двајцата избрале сопруга со исто име - Бети. Џимс имаат и синови по име Џејмс Алан и Џејмс Алан.

Близнаците споделуваат многу особини на личноста, а на училиште и двајцата претпочитале столарија и математика, додека правописот не им бил силна страна. Двајцата биле пушачи, страдале од мигрена и возеле шевролет.

Една единствена разлика

Но, има и една разлика меѓу нив - додека Џим Луис знаел дека има биолошки брат, на Џим Спрингер му било кажано дека неговиот близнак умрел како бебе. Браќата не се сретнале додека првиот не добил информација за својот брат од судот во Охајо и отишол да го посети.

Откако Џим Луис почнал да го бара своето биолошко семејство, пред се за да го запознае својот одамна изгубен брат, тие за прв пат се сретнале во 1979 година пред камерите на „Фил Донаху шоу“ и целосно ја плениле јавноста.

Иако Џим Спрингер не знаел дека неговиот брат е жив, тој признал дека чувствувал „празнина“ додека растел. Близнаците на крајот биле регрутирани за психолошко истражување од д-р Томас Бушар од Универзитетот во Минесота, кој открил дека нивните медицински истории, тестовите за мозочни бранови и тестовите на личноста се практично идентични.

Луѓето на социјалните мрежи беа запрепастени од приказната која неодамна повторно се појави на Reddit. Едно лице напиша: „Прочитав толку многу студии за близнаци кои живеат сличен живот, но се разделени при раѓањето. Ова се неверојатни сличности“, додека друг додал: „Фасциниран сум од ова, навистина неверојатно“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk