Тајванскиот пратеник во Велика Британија стравува дека политичарите кои се наоѓаат на црната листа на Пекинг би можеле да бидат затворени во просториите под огромниот лондонски комплекс.
„Наша голема грижа е дали оваа мега-амбасада во иднина ќе се користи како еден вид притворен центар во кој Кина ќе ги прогонува дисидентите во странство. Мислам со не можeме да ја исклучиме таа можност, бидејќи тоа е токму она што веќе го правеа – не само против жителите на Хонг Конг, туку и против Тајванците“, изјави Винсент Чин-Хсианг Јао, де факто амбасадорот на Тајван во Велика Британија, за The Telegraph.

Јао стравува дека тајванските политичари кои патуваат во Велика Британија би можеле да бидат киднапирани и држени во тајни подземни одаи во амбасадата. Тој е особено загрижен за тајванските пратеници кои Пекинг официјално ги стави на црна листа како „тврдокорни сепаратисти за независност на Тајван“.
„Кога пратеник од црната листа патува во странство, се наоѓа во сериозна опасност. Ризикува да биде киднапиран од кинеската тајна полиција. Ако тоа се случи во Обединетото Кралство, тој би можел да биде задржан токму во тајните одаи на оваа нова кинеска мега-амбасада. Тоа е нашата реална грижа“, нагласи Јао.

Кинеската влада им нареди на своите судови во отсуство да им судат на лицата од црната листа за дела на „сецесија“, за кои е предвидена и смртна казна. Бидејќи Пекинг тврди дека неговите закони за државна безбедност имаат глобална надлежност, тајванските пратеници од црната листа се соочуваат со зголемени ризици за време на секое патување во странство.
Плановите за новиот кинески дипломатски комплекс во Royal Mint Court, во непосредна близина на Tower of London, креваат прашина во јавноста уште од 2018 година, кога Кина ги претстави. Британските власти и јавноста главно се фокусираа на ризиците од шпионажа.
Во јануари, кога министерот за домување Стив Рид формално го одобри проектот, The Telegraph откри детални планови за обемен подземен комплекс кој Пекинг се обиде да го сокрие од јавноста. Меѓу другото, предвидена е скриена комора покрај чувствителните комуникациски кабли кои пренесуваат финансиски податоци од лондонскиот Сити и останатиот интернет сообраќај.
Британското Министерство за внатрешни работи и разузнавачките служби изјавија дека ќе ги ублажат ризиците од шпионажа со заштита и пренасочување на каблите, како и со примена на силна енкрипција. Сепак, активистите за човекови права предупредуваат дека значително помалку внимание се посветува на прашањата за човековите права.
Овие загрижености се засилени со низа инциденти. Во октомври 2022 година, кинескиот конзуларен персонал во Манчестер повлече продемократски демонстрант од Хонг Конг, Боб Чан, внатре во портите на конзулатот и физички го нападна. Во последните години, Кина го интензивираше ловот на дисиденти во егзил, распишувајќи парични награди за повеќе активисти. Повеќе од 200.000 жители на Хонг Конг пребегаа во Велика Британија откако Пекинг во 2020 година започна пресметка со дисидентите. И во Британија, прогонетите се жалат на систематско застрашување, следење и надзор.
Слична кампања на застрашување и шпионажа ги погодува и тајванските државјани. Тајванските политичари пријавуваат вознемирување од страна на пропекиншки групи за време на патувањата во странство, а западните безбедносни служби ја обвинуваат Кина за регрутирање агенти за инфилтрација во тајванската дијаспора. Кина го прошири и системот на награди на десетици тајвански безбедносни функционери и инфлуенсери на социјалните мрежи, кои ги обвинува за ширење „сепаратистичка пропаганда“.
Француски Le Monde неодамна објави дека француската контраразузнавачка агенција (DGSI) затворила девет тајни кинески „полициски станици“ кои служеле за шпионажа и застрашување на дисидентите. Активистите проценуваат дека такви канцеларии има повеќе од сто ширум Европа, вклучувајќи најмалку четири во Велика Британија. Портпаролот на кинеската амбасада во Лондон ги отфрли тврдењата на Винсент Јао, нарекувајќи ги „целосно неутемелени и злонамерна клевета“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата