logo
logo
logo

ВЕЧНО ВАРИВО: ВИРАЛЕН ХИТ ШТО КРЧКА ВЕЌЕ ЕДНА ГОДИНА – дали е безбедно за јадење?

Vecer | 07.05.2026

ВЕЧНО ВАРИВО: ВИРАЛЕН ХИТ ШТО КРЧКА ВЕЌЕ ЕДНА ГОДИНА – дали е безбедно за јадење?

Дали би јаделе вариво што се готви една година? Не мислиме на супа од конзерва, туку на чинија вариво од тенџере што непрекинато крчка веќе 365 дена. Токму тоа го прави креаторот на содржини „Zaq Makes“, кој го подготвува своето „вечно вариво“ повеќе од една година и со тоа започна вирален тренд, но и го отвори клучното прашање за безбедноста на ваквото јадење.

Иако станува збор за кулинарска традиција стара со векови, многумина ги загрижува дали таквото јадење е воопшто безбедно за консумација, пишува „Food & Wine“.

Што е вечно вариво?

Вечно вариво е јадење кое се готви без престан. Тенџерето постојано лесно врие, а како што се послужуваат порциите, се додаваат нови состојки и течност за да се одржи волуменот. Освен течноста, која спречува јадењето да загори, не постојат строго дефинирани состојки. Самиот концепт датира најмалку од средниот век.

Историчарката на храна Реј Танехил во својата книга „Храната во историјата“ опишува како европските гостилници постојано ги држеле котлите со вариво на оган за да ги нахранат гостите.

Таа пишува: „Котелот ретко се празнел, освен за време на подготовките за посните недели на Велигденскиот пост, па додека зајакот, пилешкото или гулабот давале фин, месен вкус, аромата на солената свинска маст или зелката се задржувала со денови, па дури и со недели“.

Од средновековните гостилници до вирален хит

Креаторот на содржини познат како „Zaq Makes“ (@zaq.makes), кој не сака да го открие своето вистинско име, на социјалните мрежи веќе 372 дена го објавува развојот на своето „вечно вариво“, кое го нарече „Stewtheus“. Тој документира како се менува вкусот на мешавината додека редовно додава нови состојки како лосос, капини, јагнешки коленици, бамји, јајца и јачмен.

Неговата содржина привлече огромна публика ‒ има 400.000 следбеници на Инстаграм и повеќе од 200.000 на ТикТок ‒ главно поради факторот на шок. Следбениците често му предлагаат состојки, а постојано менливите комбинации понекогаш создаваат вкусови кои делуваат сосема необично. Зак, на пример, истакна дека горчливата диња предолго доминирала со вкусот на неговото вариво.

Иако Зак го претвори „Stewtheus“ во интернет сензација, тој не е заслужен за „оживувањето“ на вечното вариво ‒ тоа всушност никогаш не ни исчезнало. Во Бангкок, во ресторанот „Wattana Panich“, говедска супа со тестенини крчка повеќе од 50 години. За разлика од експерименталните верзии, оваа има стабилен рецепт, па вкусот е релативно конзистентен.

Жителката на Њујорк, Ен Рауверда, стана вирална во 2023 година со своето веганско вечно вариво. Го држела во својот стан во текот на целото лето и еднаш неделно го носела во парк, каде што го делела со пријатели и непознати луѓе, кои носеле состојки во замена за порција. Дури и популарниот поткаст „Normal Gossip“ објави приказна за цимерки кои се посветиле на своето вечно вариво, но во рок од една година дури седум пати добиле труење со храна.

Дали вечното вариво е безбедно за јадење?

Токму приказните за труење со храна го отвораат главното прашање: дали вечното вариво е навистина безбедно за консумација? Идејата за супа стара една година делува спротивно на сè што знаеме за безбедноста на храната, па новинарите побараа одговор од експерти.

За разлика од домашната супа која во фрижидер може да стои само неколку дена, вечното вариво може да биде безбедно за јадење и по долг период, под услов постојано да се одржува на висока температура која го спречува развојот на бактерии. Д-р Франциско Диез-Гонзалез, директор на Центарот за безбедност на храна на Универзитетот во Џорџија, препорачува „варивото да се држи на температура повисока од 60°C“ за да биде безбедно.

Кај повеќето намирници, мирисот и вкусот се првиот знак дека храната е расипана. Сепак, Диез-Гонзалез предупредува:

„Бидејќи за вакво јадење не постои единствен рецепт, развојот на непосакувани вкусови зависи од видот на состојките што се додаваат“.

Вкусот и аромата на вечното вариво не се константни, па затоа, како што истакнува експертот, клучно е строгото одржување на температурата како единствена сигурна заштита од болести кои се пренесуваат преку храна. Додека во средниот век било тешко да се одржува стабилна температура на отворен оган, денес тоа го овозможуваат апаратите за бавно готвење и модерните уреди. Токму таков уред користи и Зак за своето вариво, а досега не пријавил ниту еден случај на труење со храна.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk