Австралијците ќе мора да докажат дека имаат над 18 години пред да можат да пристапат до содржина за возрасни, како што се порнографијата, филмовите и видеоигрите со назнака „Р“ или „18+“ или сексуално експлицитните чет-ботови со вештачка интелигенција, според новите закони. Промените ќе ги заштитат децата од штетна содржина, а платформите ќе бидат казнувани по прекршувања, соопшти австралискиот регулатор за интернет-безбедност.
- Не им дозволуваме на децата да влегуваат во барови или продавници за алкохол, продавници за возрасни или казина, но кога станува збор за интернет-просторот, нема такви заштитни мерки... Отсега, ако некое младо лице пребарува на интернет-содржина за самоубиство или самоповредување, првиот резултат што ќе го види ќе биде телефонска линија за помош - а, не штетна „кибер-зајачка дупка“, изјави нивната одговорна претставничка Џули Инман Грант.
Според стручњаците, новите закони - коишто уследија три месеци откако Австралија воведе забрана за социјалните мрежи за лица под 16 години, можеби ќе се соочат со слични противења и загрижености во врска со приватноста на податоците.
Новите промени за платформите значат построги проверки за проверка на возраста, и тоа веќе од понеделник. Ова може да вклучува и технологија за препознавање лица, дигитални лични карти и детали за кредитна картичка.
Д-р Раат Масуд, која предава кибербезбедност на Универзитетот на Нов Јужен Велс (Австралија), смета дека новите закони ќе имаат ограничено влијание.
- Законите за проверка на возраста може да подигнат бариери, но веројатно нема целосно да ги спречат младите луѓе да пристапат до ограничена содржина. За многу луѓе, постои непријатност со поврзувањето на верификацијата на идентитетот со многу лична активност на прелистување, рече Масуд.
Поголема загриженост за неа се „помрачните ќошиња“ на интернетот - странски платформи и страници за возрасни коишто не се регулирани.
Сабрина Калдвел, која предава етика во технологијата на истиот Универзитет, се согласува дека промените ќе бидат погрешни, слично како забраната за социјалните мрежи, но тие ќе создадат дополнителна бариера.
- За многу деца - и возрасни, впрочем, ова ќе биде ефикасно во помагањето да избегнат изненадувачки или вознемирувачки слики и информации без предупредување. И дури и ако се протнат на такви страници, тие треба да бидат свесни за опасностите со кои може да се соочат, појасни таа.
И Сет Лазар, професор по филозофија на Австралискиот национален универзитет, вели дека новите мерки биле „крајно погрешни“, и како прашање на технолошка пракса и во поглед на либералните вредности.
- Создадете технологија за поддршка на родителите, а не за замена на нивното расудување!, подвлече тој.
Минатиот јули, Велика Британија воведе нови закони за порнографски страници за проверка на возраста на корисниците, коишто ако не се почитуваат, тоа може да повлече казни до 18 милиони фунти, според некои проценки.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата