Фармацевтот Ниам Мекмилан предупредува на кои состојби посебно треба да обратите внимание и нагласува ништо да не се зема здраво за готово.
Кога се срамите од нешто или ви е непријатно во некоја ситуација, тоа веднаш ќе се забележува на вашето лице - поцрвенувате како булка и посакувате да пропаднете во земја. Сепак, на лицето може да се забележат многу посериозни работи - од замор до вирусни инфекции или проблеми со притисокот.
Фармацевтот Ниам Мекмилан напоменува дека ненадејните промени во бојата на лицето може да бидат знак за сериозни здравствени проблеми, па затоа е важно штом ќе ги забележите, веднаш да реагирате.
Зеленкасто лице
Зеленикавите траги на лицето може да бидат знак за мачнина, која често е предизвикана од анксиозност, вирусна инфекција или мачнина во текот на возењето.
- Поретко на кожата се појавува сино-сиво-зелена нијанса што укажува на цијаноза. Тоа е поврзано со проблеми со срцето и проблеми со дишењето. Цијанозата е медицинска состојба која се манифестира така што кожата, усните или ноктите стануваат синкасти, што е резултат на недостаток на кислород во крвотокот - објаснува Мекмилан.
Меѓутоа, ако некој е само вознемирен, веројатно сè ќе помине само од себе.
- Но, ако зеленкавите траги постојано се враќаат, треба да се јавите на лекар - предупредува овој експерт.
Бледо или бело
Бледото лице често е знак за анемија и обично е придружено со замор, вртоглавица и несвестица.
– Ненадејното бледило на лицето може да укаува на низок крвен притисок, дехидрација, па дури и шок – истакнува Мекмилан.
Жолтеникаво лице
Жолтеникавата кожа, особено околу очите е знак за жолтица. Тоа е поврзано со проблеми со црниот дроб и жолчните канали, кои потенцијално можат да предизвикаат хепатитис или камен во жолчката. Исто така, може да се јави и како последица на несакано дејство на лекови.
- Овие знаци мора да се сфатат крајно сериозно - предупредува тој.
Црвено или зацрвенето лице
Црвенилото на лицето обично е безопасно и може да биде предизвикано од топлина, вежбање или интензивни емоции. Меѓутоа, ако трае подолго, може да укажува на висок крвен притисок и розацеа.
– Ненадејната појава на црвенило, особено ако се потите и имате проблеми со отежнато дишење, може во екстремни случаи да биде показател на канцерогени состојби – заклучил Мекмилан, а пишува Сан (The Sun).
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата