Цветовите ги освежуваат просторите, а нивното значење често ги одразува емоциите и вредностите кои се вткаени во човечката култура.
Од рози кои зборуваат за љубов до лилјани кои ја симболизираат чистотата, секој цвет има своја приказна. Некои цвеќиња се посебни не само по својот изглед, туку и по симболиката што ја носат.
Еден таков цвет, кој се сади во март, е споменче, незаборавка (Myosotis) – мал, но моќен цвет чие име носи порака за вечно сеќавање и посветеност.
Споменчето е препознатливо по ситните, нежни сини цветови со жолт центар, кои изгледаат како да излегле од бајка, а принцезата Дијана го обожаваше.
Неговата симболика е длабоко вкоренета во митовите и легендите. Според една приказна, витез ги собрал овие цвеќиња за својата сакана, но додека паѓал во реката, ги фрлил кон неа велејќи: „Не заборавај ме!“
Затоа, денес споменчето ја симболизира љубовта, лојалноста и вечниот спомен на најблиските. Често се поврзува со тажни спомени, но и со силата и истрајноста на љубовта која опстојува и покрај времето и околностите.
Како се сади и негува споменче?
Споменчето се сади во март, кога температурите стануваат поблаги и земјата се буди од зимскиот сон. Ова растение сака делумна сенка и влажна почва богата со хумус. Сеидбата може да се врши директно во градината или во саксија, а по никнувањето, растенијата треба редовно да се наводнуваат за да се обезбеди нивен правилен раст.
Не бара премногу грижа. Откако ќе никне, споменчето само ќе се расејува и ќе се враќа во вашата градина од година во година како нежен потсетник за љубовта и спомените кои никогаш не бледнеат.
Без разлика дали ќе го засадите поради неговата симболика или едноставно поради неговата магична убавина, споменчето ќе внесе посебен шарм во вашата градина и дом.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата