logo
logo
logo

Најчестите проблеми со сувост ОТКРИЈТЕ КАКО КОНЕЧНО ДА ГИ УБЛАЖИТЕ

Vecer | 07.12.2025

Најчестите проблеми со сувост ОТКРИЈТЕ КАКО КОНЕЧНО ДА ГИ УБЛАЖИТЕ

Речиси нема жена која со текот на годините нема да се пожали на исклучително сува кожа, особено во зима. Една од можните причини се прегреаните простории. Освен тоа, лојните и потните жлезди стануваат сè помалку активни како што старееме, а и тие придонесуваат за влажноста на нашата кожа. Се советува да се пие многу течност, најдобро вода и незасладени билни чаеви, што ќе ја поттикне обновата на кожата и ќе ѝ помогне да се хидратизира.

Кршливи нокти

Една од четири жени се жали дека ноктите на рацете ѝ станале кршливи. Како што старееме, ноктите на рацете стануваат потенки, склони кон лупење и кршење. Ноктите на нозете најчесто остануваат поштедени од овие непријатни појави. Честото миење и сушење на рацете може да ја намали влажноста на ноктите. Кога чистите со хемиски средства или рацете ви се изложени на материјали што би можеле дополнително да ги исушат, користете ракавици. Пред спиење нанесете заштитна крема на база на вазелин на рацете и ноктите.

Сува уста

Вашите зрели години може да бидат причина за оваа непријатна појава, но и одредени лекови и состојби како Сјогренов синдром можат да предизвикаат сувост на јазикот и усната шуплина. Сувоста во устата се јавува кога нема доволно плунка, а тоа може да доведе до ранички и кариес. Посетете лекар, кој ќе го утврди вистинскиот причинител и ќе препорача пастили, специјални течности или лекови кои можат да помогнат.

Изложување на сонце

Најдобриот совет, кој ништо не чини, е да ја заштитите својата кожа и да ја чувате од сушење така што ќе престојувате во ладовина. Тоа ќе ѝ овозможи на кожата сама да се опоравува, без дополнително оштетување. Во периодите кога сонцето е најсилно, околу пладне, не би требало директно да се изложувате на сончевите зраци. Но не дозволувајте облачното време да ве измами – штетните ултравиолетови зраци и тогаш можат да ја оштетат кожата, а продираат и низ вода.

Дијабетес

Екстремна сувост и кожа што чеша можат да бидат знак за високо ниво на шеќер во крвта. Ослабената циркулација или инфекција исто така може да се поврзат со дијабетес тип 2 и да предизвикаат сувост на кожата. Олеснувањето доаѓа кога нивото на гликоза во крвта ќе се доведе во нормални граници. Постојат и други болести кои доведуваат до сувост на кожата – бубрежни заболувања, анемија, низок хормон на тироидната жлезда, ревматоиден артрит. Тој, пак, почесто предизвикува суво око.

Испукани усни

Студеното време, дехидрацијата, козметиката и лековите можат да доведат до тоа кожата на усните да испука. Користете средство за нега на усни со заштитен фактор од UVA и UVB зраци и придржувајте се до овие совети: дишете низ нос, не ги лижете усните, пијте многу течности, користете овлажнувач на воздухот. За време на големи студови дополнително заштитете ги усните со шал.

Сувост на вагината

Половина од жените доживуваат сувост на вагината откако трајно ќе ја изгубат менструацијата. Тоа се јавува поради намалувањето на женските хормони – естрогени, кои ги подмачкуваат вагиналните ѕидови и ја одржуваат еластичноста на кожата. Освен во менопауза, сувост на вагината (исто така поради промена на нивото на естроген) може да се јави и во бременост и за време на доење. На нивото на естроген влијаат и зрачењето, хемотерапијата и хормонската терапија, високиот крвен притисок, дијабетесот, како и некои лекови, на пример против алергија, што исто така може да предизвика сувост. Помагаат лубриканти и други препарати што ја враќаат природната влажност.

Суво око

Создавањето солзи се намалува со стареењето, што може да се почувствува како песок во очите или печење и чешање. Освен што оваа појава е вообичаена со возраста, недостатокот на солзи може да го поттикнат лекови, алергии, овлажнувачи на воздух, носење леќи, недостаток на витамин А, конзерванси… Помагаат вештачки солзи и вградување на сузни чепови.

Коса и скалп

Хормонските промени предизвикани од стареењето можеби најочигледно се забележуваат на косата. Таа станува потенка и без сјај. Промените се видливи и на скалпот, кој почесто се прхути. Но не е само стареењето причина за овие промени. Долгата и кадрава коса (или комбинацијата од двете) исто така е посклона на сушење и кршливост. Интензивното и често фарбање, пеглањето или други агресивни третмани придонесуваат за намалување на влажноста на косата и скалпот. Нема потреба косата да ја миете секој ден, избегнувајте пеглање и виткање и користете специјализирани шампони.

Пет ефикасни совети

  1. Останете хидрирани: Водата ги отстранува токсините од организмот и ѝ помага на кожата да остане свежа. Помага и ако јадете повеќе диња, лубеница, краставици, целер и зелена салата бидејќи содржат многу вода. Ограничете го внесот на кафе, кофеински пијалаци и алкохол бидејќи делуваат како диуретици, односно ја одземаат водата од телото.
  2. Поттикнете ја циркулацијата: Туширајте се наизменично со топла и ладна вода, а секогаш завршете со ладна. Така мускулите ќе се шират и стегаат, што ќе придонесе за детоксикација и подобра циркулација.
  3. Густа крема наместо лосион: Маслото од јојоба, маслиновото масло или шеа путер многу добро делуваат на опоравување и нега на сувата кожа.
  4. Заштитете ги рацете: Носете ракавици кога миете садови или чистите бања за да го намалите влијанието на хемиските средства врз кожата. Избегнувајте производи што можат да ја оштетат природната бариера на кожата.
  5. Откажете се од штетните навики: Пушење, прекумерен стрес, алкохол и лоша исхрана можат да доведат до сушење на кожата. Ова е највидливо на делови каде кожата е потенка (лакти, потколеници, подлактици).

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk