Во свет каде што и до продавница се оди со автомобил, Карл Бушби од Хал, Англија, избра целосно поинаков пат – и тоа буквално. Поранешниот падобранец веќе 27 години оди низ светот без да користи каков било вид превоз.

Неговата мисија, наречена „Голијат експедиција“, започнала на 1 ноември 1998 година од Пунта Аренас во Чиле, а единственото правило што никогаш не го прекршил е – да се движи исклучиво пеш.
Она што првично било замислено како осумгодишна авантура се претворило во животно патување што трае речиси три децении. Денес, Бушби го делат само уште неколку илјади километри до целта, а ако сè оди по план – во родниот Хал ќе пристигне во септември 2026 година.

Три главни препреки на патот: Дариен, Беринговиот Мореуз, Ламанш
Иако вкупната дистанца од преку 58.000 километри сама по себе е епска, најголемите предизвици се криеле помеѓу: непроодни предели, екстремни климатски услови и политички граници. Трите најголеми препреки на неговиот пат беа: озлогласената џунгла Дариен меѓу Колумбија и Панама, ледениот Берингов Мореуз меѓу САД и Русија и тунелот Ламанш што ја поврзува Франција со Велика Британија.
Првите две препреки веќе ги совладал. Во 2006 година, заедно со авантуристот Димитри Кифeр, го преминал Беринговиот Мореуз пеш за 14 дена, газејќи по мраз и ледена вода. Набргу потоа биле задржани од руските власти поради нелегален влез во земјата, а дури по интервенцијата на тогашниот британски заменик-премиер Џон Прескот и гувернерот Роман Абрамович, експедицијата можела да продолжи.
Останува уште Ламанш – но бидејќи одењето низ железничкиот тунел е забрането, Бушби се надева дека ќе добие специјална дозвола за премин преку сервисниот тунел што го користат работниците за одржување. Таа бирократска борба би можела да трае со години.
Пливање низ опасни води
Кога не можел безбедно да влезе ниту во Иран ниту во Русија, Бушби не се откажал – туку запливал. Во август 2024 година, со придружен тим и со сопатничката Анџела Максвел, го препливал Каспиското Море од Казахстан до Азербејџан – вкупно 179 милји (околу 288 км). Пливањето траело 31 ден, со 132 часа поминати во вода. Потоа продолжил пеш низ Азербејџан и Турција, а на 2 мај 2025 година стигнал до Босфорот и стапнал на европско тло.
До Хал го чека уште последната етапа – пешачењето низ европскиот континент. До септември 2025 година Бушби го завршил преминот низ Турција и влегол во Бугарија, а во октомври 2025 пристигнал во Романија. Моментално до Велика Британија му остануваат околу 2.213 км.
Визи, осаменост и борба за опстанок
Бушбиевото патување не било само физички предизвик – туку и психолошки. Години бил заглавен во Мексико поради одбиени визи, ги изгубил спонзорите за време на финансиската криза во 2008 година, а во 2013 Русија му изрекла петгодишна забрана за влез во земјата.
„Први ноември 1998. Гледате во пат долг 36.000 милји и немате поим како ќе го поминете. Беше исклучително тешко, но никогаш не се откажавме од правилото и правецот“, изјави Бушби за BBC радио Хамберсајд. Враќањето дома, признава, носи посебна тежина: „Не знам како ќе биде кога ќе се вратам. Тоа е чудно место – кога животната цел одеднаш завршува. Се надевам дека брзо ќе преминам на нешто ново, за да го одржам телото, умот и душата во движење.“ Додаде и дека средбата со семејството ќе биде процес на повторно запознавање.
Непоколеблива упорност
Карл Бушби одел, пливал, преживувал – и никогаш не се возел. Неговото патување околу светот не е само физичко движење, туку сведоштво за упорноста, силата на волјата и човековата желба да ги помести границите на можното. И додека крајот на патот е веќе на повидок, неговата приказна веќе сега зазема посебно место меѓу највпечатливите подвизи на модерното време.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата