Додека повеќето тинејџери на 16 години размислуваат за училиште и секојдневни обврски, Сабрина Гонзалес-Пастерски на таа возраст направила нешто што ретко се гледа и кај возрасни инженери – самостојно конструирала и пилотирала сопствен авион.
Овој подвиг бил само најава за необичниот пат што следувал. Иако на почетокот била одбиена од престижниот Технолошки институт во Масачусетс (MIT), Сабрина не се откажала.
На универзитетот им испратила снимка од својот лет и кратко потоа добила покана за упис. Студиите ги завршила како една од најдобрите студентки во својата генерација, потврдувајќи дека раната генијалност не била случајност.
Денес се занимава со теоретска физика, поточно со истражувања во областа на квантната гравитација и црните дупки – области кои се обидуваат да ги усогласат законите на квантната механика со Ајнштајновата теорија на релативност и да објаснат како функционира самата основа на универзумот. Станува збор за научни прашања околу кои и понатаму се кршат копјата на современата физика.
Ајнштајн на современото време
За разлика од многу млади научни ѕвезди, Гонзалес-Пастерски свесно избрала да остане подалеку од рефлекторите. Таа одбила бројни високо профилирани понуди и јавна промоција, одлучувајќи целосно да му се посвети на истражувањето, без медиумска врева и комерцијални притисоци.
Во свет кој често го слави брзиот успех и видливоста, Сабрина Гонзалес-Пастерски претставува ретка појава – научничка која верува дека разбирањето на универзумот е поважно од славата. Токму затоа многумина веќе денес ја нарекуваат „новиот Ајнштајн“, не поради сензационалност, туку поради длабочината на прашањата со кои се занимава.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата