Гвајана, тропска земја со помалку од милион жители, неочекувано стана најголемиот економски добитник од глобалниот хаос предизвикан од војната меѓу САД, Израел и Иран. Додека воените жаришта се далеку, Гвајана профитира од прекините во снабдувањето преку Ормушкиот Теснец, што ги вивна цените на нафтата на околу 100 долари за барел. Со најбрзорастечки извоз на нафта во светот, економијата на оваа земја се зголеми за пет пати од 2019 година досега, анализира „The Economist“.
Политичката стабилност дополнително го зајакна нејзиниот профил кај инвеститорите. Реизборот на претседателот Ирфан Али во септември ги смири пазарите, а падот на венецуелскиот лидер Николас Мадуро, кој беше заробен од американските сили во јануари, го отстрани територијалниот спор кој го кочеше истражувањето во богатиот блок „Stabroek“. Ова овозможи непречено проширување на капацитетите во Атлантикот каде оперира конзорциумот предводен од „ExxonMobil“.
Финансискиот импулс е огромен. Неделните приходи на Гвајана скокнаа од 370 на 623 милиони долари поради војната. Доколку цените останат високи во текот на 2026 година, земјата би можела да инкасира 33 милијарди долари приход, што е за 90% повеќе од првичните очекувања. Дополнителен бонус е фактот што две третини од нафтата завршува во Европа, која плаќа високи премии за енергенси. Поради високиот профит, нафтените компании ги отплаќаат историските трошоци побрзо од планираното, што значи дека веќе од крајот на 2026 година уделот на државата во вкупниот приход значително ќе порасне.
Сепак, овој нафтен бум носи и ризици од т.н. „проклетство на ресурсите“. Иако Владата инвестира во патишта, училишта и болници, цените на храната и домувањето се зголемија за 75% од 2021 година. Нафтениот сектор ги „всисува“ најдобрите работници од останатите индустрии, а огромниот прилив на пари создава простор за нерационално трошење. Експертите предупредуваат дека за долгорочна стабилност, Гвајана мора да го зачува вишокот капитал во државниот фонд и да одолее на искушението за популистичко трошење на „воениот профит“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата