Истражување спроведено од страна на француските медиуми покажува дека граѓаните се почесто ги оставаат автомобилите и се префрлаат на превоз со автобус и трамвај за да ги избегнат високите трошоци за гориво. Трендот е особено изразен во градовите што нудат бесплатен јавен превоз.
Во Монпелје, бројот патници во јавниот превоз пораснал за околу осум отсто од март, додека во Данкерк е забележан раст од пет проценти. Во Ниор, во март е евидентиран уште поголем скок – околу 25 отсто во споредба со просекот од претходните 15 месеци.
Директорот на транспортната мрежа во Ниор, Ерик Ле Ру, изјави дека дел од новите корисници на јавниот превоз се работници кои го користат бесплатниот превоз како начин да заштедат и да го надоместат падот на куповната моќ.
Поради зголемената побарувачка, многу од градовите се принудени на одредени линии да воведат возила со поголем капацитет.
Сличен ефект е забележан и во Данкерк, каде бесплатниот јавен превоз е воведен во 2018 година. Локалните власти наведуваат дека бројот корисници речиси се утростручил, а промените во навиките на патување остануваат трајни и по почетниот раст.
Експертите предупредуваат дека зголемениот интерес за користењето јавниот превоз не е исклучиво последица на бесплатните билети, туку и последица на растот на цените на горивата, што ги поттикнува граѓаните да бараат алтернативни начини на превоз.
Претставници на здруженија на корисници на транспорт наведуваат дека во случај на продолжување на кризата, ќе биде потребно дополнително зајакнување на капацитетите на јавниот превоз, вклучително автобуси, метро и регионални возови, за да се задоволи зголемената побарувачка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата