Светот се соочува со потенцијално историски климатски феномен. ОН и Светската метеоролошка организација (ВМО) предупредуваат дека годинашниот Ел Нињо би можел да се развие во таканаречен „Супер Ел Нињо“, појава што се карактеризира со екстремно загревање на океанските води и дополнително засилување на веќе присутните климатски промени, пишува „BBC“.
Ел Нињо е природен феномен што се јавува на секои три до пет години, кога површинските води во Тихиот Океан невообичаено се загреват и ги менуваат временските обрасци на планетата. Иако претходно немаше знаци за негово појавување, ситуацијата драматично се промени за само неколку месеци. Сателитите и океанските сонди открија огромен бран топла вода што се движи стотици метри под површината, на одредени места дури за 6 степени Целзиусови потопла од просекот. Кога оваа длабинска топлина ќе избие на површината, таа го загрева воздухот и создава услови за екстремни временски неприлики.
Бидејќи глобалните температури се веќе на рекордно високо ниво поради човечкото влијание, овој Ел Нињо ќе има уште поразорно дејство. Официјалните прогнози сугерираат дека претстојниот период со голема веројатност ќе ги донесе најтоплите години во историјата на мерењата.
Какви последици може да очекуваме?
Влијанието на овој феномен ќе се почувствува различно во разни делови од светот. Јужна Америка, Југоисточна Азија и Австралија најверојатно ќе се соочат со екстремни горештини, суши и шумски пожари. Од друга страна, на југот на САД се очекуваат обилни дождови и зголемен ризик од поплави.
Што се однесува до Европа, директното влијание на Ел Нињо обично не е премногу силно, но може да донесе благ почеток и екстремно студена завршница на зимата, особено во северозападните делови на континентот.
Сепак, најголемата грижа е индиректниот удар врз глобалната економија. Историјата покажува дека силните Ел Нињо периоди редовно ги намалуваат приносите во земјоделството, што води до поскапување на храната и штети кои се мерат во стотици милијарди долари.
Крајниот исход и точната јачина на феноменот ќе бидат појасни кон крајот на годината, кога Ел Нињо вообичаено го достигнува својот врв околу Божиќ. Но, научниците се децидни – дури и да не се оствари најлошото сценарио за „Супер Ел Нињо“, последиците по планетата ќе бидат сериозни.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата