Порака во шише, која била пуштена од брод кај Канада, е пронајдена на една плажа на североистокот на Шкотска, пренесоа денес британските медиуми.
Краткото писмо, напишано на француски јазик и датирано од 2024 година, било пронајдено во шише кај црквата Свети Сајрус во крајбрежниот дел на округот Абердиншир, пренесува Би-би-си.
Шишето, за време на прошетка по плажата, го пронашол кучето на шеесетгодишниот Мајк Скот, кој изјавил дека бил воодушевен од откритието на пораката што патувала преку Атлантикот околу 4.300 километри.
„Додека шетав, моето куче Меги душкаше шише што го најде на брегот. Видов дека има нешто во темното стаклено шише и утврдив дека станува збор за писмо на француски јазик. Го однесов дома и го преведов текстот на пораката“, изјави Скот.
Тој рече дека во пораката пишувало дека шишето било фрлено во морето од траект што сообраќал меѓу островот Принц Едвард и островите Магдален во август 2024 година, а пораката ја потпишала Ени Шијасон.
„Тоа мало стаклено шише преживеало две зими на отворено море, патувајќи од источниот брег на Канада, преку северниот Атлантик, до врвот на Шкотска, за да го најдеме на североисточниот брег кај црквата Свети Сајрус во Абердиншир. Испраќачот побарал да го известиме ако ја пронајдеме“, рече Скот и додаде дека преку Фејсбук ја пронашол и контактирал жената што го фрлила шишето во морето, но засега не добил одговор од неа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата