logo
logo
logo

ПАЛАТИ, ЗЛАТО И МИСТЕРИОЗНИ ПАРИ Приказната за најбогатото село на Балканот

Vecer | 30.01.2026

ПАЛАТИ, ЗЛАТО И МИСТЕРИОЗНИ ПАРИ Приказната за најбогатото село на Балканот

Таканаречените ромски палати, изградени среде полиња или во неугледни романски гратчиња, со децении привлекуваат внимание со својата големина, кичест стил и целосен несразмер со околината.

Иако на многумина им делуваат бизарно и безвкусно, во рамки на ромската заедница тие имаат јасно значење – симбол се на успех, моќ и општествен статус во заедница која историски била маргинализирана и осиромашена.

Првите ромски палати почнале да никнуваат на почетокот на 1990-тите, по падот на комунистичкиот режим во Романија.

Либерализацијата на пазарот и исчезнувањето на репресивниот систем му овозможиле на дел од Ромите да се вклучат во бизниси што брзо носеле пари, пред сè преку собирање и трговија со старо железо, но и преку ситна трговија и работа во странство.

Покажување статус преку градење куќи

За релативно кратко време се појавила нова, побогата елита во рамки на ромската заедница, која своето богатство почнала да го материјализира преку изградба на импозантни куќи.

Денес вакви палати може да се најдат низ целата земја, а во некои места, како селото Бузеску, долж главната улица се редат десетици мегаломански градби.

Соседите често се натпреваруваат во висината и раскошот, додавајќи нови катови, кули и куполи. Фасадите неретко се украсени со симболи на долари, луксузни автомобили или изобилство од златни детали, кои во локалната перцепција претставуваат јасни знаци на богатство и успех.

Архитектонскиот стил на ромските палати значително се разликува од регион до регион. Во централна Романија инспирацијата често доаѓа од католичките цркви, на југозапад доминираат неокласични форми, додека на истокот и југот од земјата се појавуваат реинтерпретации на архитектурата на поранешната аристократија.

„Специфичен феномен“

Романскиот архитект Рудолф Греф смета дека, и покрај широко распространетата перцепција за кич, овој стил не треба да се отфрла. Станува збор, тврди тој, за специфичен историски феномен и претерана, но препознатлива реинтерпретација на традиционалните романски архитектонски елементи.

Заедничко за сите овие градби, нагласува Греф, е нивната функција на разметување со успехот. Понекогаш палатите се и директни копии на постоечки згради. Во Бузеску, еден богат припадник на ромската заедница ја моделирал својата куќа според зградата на судот во кој во 1990-тите бил осуден за измама, што дополнително ја илустрира симболичката димензија на овие објекти.

– Изворите на финансирање често се нејасни, вели Греф. Многу сопственици тврдат дека се збогатиле со трговија на метален отпад, додека други наведуваат долгогодишна работа во странство.

Локалните ромски лидери дел од богатството го поврзуваат и со враќањето на златото кое комунистичкиот режим на Николае Чаушеску ѝ го одзел на ромската популација. Имено, со декрет од 1978 година, властите ги принудиле граѓаните да го предадат златото на државата, а по падот на режимот дел од тоа злато било вратено на сопствениците или на нивните семејства.

Животот не е толку идиличен

И покрај раскошот, реалниот живот во овие палати често е многу поскромен отколку што изгледа однадвор. Сопствениците неретко живеат во една или две простории, додека големите салони, обложени со мермер и украсени со злато, се користат исклучиво за свадбени свечености и други важни семејни настани. Многу палати делуваат запуштено или недовршено, а некои со текот на времето се и напуштени.

Одржувањето на вакви објекти е исклучително скапо, а интересот за изградба на нови палати во последниве години опаѓа. Младите Роми сè почесто ги напуштаат своите места, заминувајќи во Букурешт или во странство во потрага по постабилна заработка и подобри услови за живот.

– Работите веќе не се како порано, велат жителите. Зад импресивните фасади сè појасно се наѕира реалноста на сиромаштија, миграции и општествени промени кои постепено го менуваат лицето на ромските заедници во Романија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk