logo
logo
logo

Кристијан Љушев паднал од зграда во изградба, ТРАГИЧНО НАСТРАДА МЛАД ОХРИДСКИ ФОТОГРАФ, СНИМАТЕЛ И ПРОДУЦЕНТ

Vecer | 13.01.2026

Кристијан Љушев паднал од зграда во изградба, ТРАГИЧНО НАСТРАДА МЛАД ОХРИДСКИ ФОТОГРАФ, СНИМАТЕЛ И ПРОДУЦЕНТ

Во трагичен настан што се случи вчера во станбена зграда во изградба во Охрид, животот го загуби младиот охридски снимател, фотограф и продуцент Кристијан Љушев, објавија охридските портали.Засега нема потврдени информации за причините кои довеле до незгодата, но неофицијално, младиот Љушев паднал во окно од лифт во зграда во изградба.

Како што пренесуваат Супер радио и Охрид прес, повредениот Љушев вчера, околу 15:00 часот, бил донесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, каде биле направени обиди за негова реанимација, но тие за жал биле неуспешни.

Познат по својата работа, 28-годишниот Кристијан, со неговата продуцентска куќа „Шпанец“ уживаше углед помеѓу колегите, како вреден, талентиран и исполнителен професионалец, кој има работено на бројни проекти, документарни емисии, видео спотови и останати материјали.

Кристијан Љушев ѝ припаѓаше на новата генерација креативци кои со својот израз и енергија оставија препознатлива трага на домашната сцена. Зад себе остави бројни аудиовизуелни проекти што допреа до широка публика, работејќи во различни формати – од рекламни кампањи и музички видеоспотови до документарни и интернационални продукции. Како автор и креативен соработник, соработуваше со низа познати музички имиња, меѓу кои Александар Јосифоски, Мартин Милески, Влатко Броз, групата „Марама“ и други.Особено место во неговото творештво имаа проектите инспирирани од македонската традиција, духовност и културно наследство. Со својата камера ги бележеше традиционалните настани и секојдневието во Охрид и регионот, а беше вклучен и во значајни проекти посветени на Бигорскиот манастир.

„Неговата работа сведочеше за искрена посветеност, чувствителност кон просторот и луѓето, и за автор со јасна визија, чиј творечки пат прерано згасна“, пишуваат негови колеги на социјалните мрежи, кои со голема тага и неверување се простуваат од него.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk