logo
logo
logo

Куќа што носи несреќа? Проколнатата палата Ca’ Dario повторно се продава

Vecer | 01.02.2026

Куќа што носи несреќа? Проколнатата палата Ca’ Dario повторно се продава

На еден од најпознатите делови од Големиот канал, во венецијанската населба Дорсодуро, палатата Ca’ Dario со векови се смета за една од најзагонетните градби. Со години стои празна, бидејќи е невозможно да се најде нов сопственик, а локалните легенди велат дека е – проколната.

Наречена по својот прв сопственик, Џовани Дарио, дипломат кој бил прогласен за херој откако обезбедил мировен договор со Отоманското Царство, палатата низ вековите била дом на благородници, трговци, па дури и на британската рок-музичка елита. Во 1908 година ја насликал Клод Моне за време на своето патување во Венеција, а една година подоцна ја споменал и Хенри Џејмс во својот патопис Италијански часови.

Но пространа палата, која има девет спални соби, осум бањи и големи репрезентативни простории исполнети со фрески, се покажала како тешка за продажба – и тоа не нужно поради цената од 20 милиони евра.

На агентите им било тешко да ја надминат репутацијата на „проколнатата палата на Венеција“, поради низа сопственици и гости кои починале прерано, а во некои случаи и со насилна смрт.

Сега, по свежото реновирање, продажбата на палатата Ca’ Dario добива нов поттик, а предизвикот им е доверен на венецијанската единица на Christie’s International Real Estate и Engel & Völkers. Christie’s ја опишува зградата како „архитектонски скапоцен камен“ со готски лакови, антикни лустери од Мурано и ложа, напоменувајќи дека се наоѓа во мирен дел од Венеција, скриен од гужвите.

Она што не се споменува се трагичните приказни кои ја „облагородиле“ локалната легенда за нејзиниот „зол углед“.

Се раскажува дека палатата е поврзана со најмалку седум смртни случаи, од кои најстрашниот бил во 1970 година, кога тогашниот сопственик, грофот Филипо Џордано деле Ланце, бил убиен внатре во нејзините ѕидови… За убиството бил осомничен неговиот партнер, морнар кој избегал во Лондон, а подоцна и самиот бил убиен.

Кристофер Кит Ламберт, тогашен менаџер на групата The Who, го купил имотот следната година. Иако тврдел дека наводното проклетство не му пречело, наводно им кажал на пријателите дека спиел на други места за да избегне духови. Сепак, локалното население го обвинува проклетството за неговото пропаѓање во светот на дрогата, подоцнежната финансиска криза и смртта во Лондон во 1981 година, по пад по скали.

Во текот на 1980-тите, палатата ја купил италијанскиот финансиски магнат Раул Гардини, кој бил вмешан во голем корупциски скандал и извршил самоубиство во Милано во 1993 година.

Легендите исто така сугерираат дека палатата носи несреќа и на оние кои само ќе ѝ се приближат или ќе поминат одмор таму. Оперскиот пејач Марио Дел Монако планирал да го купи имотот во 1964 година, но се предомислил по тешка сообраќајна несреќа на пат кон разгледување на палатата. Џон Ентвистл, басистот на The Who, починал во САД во 2002 година, една недела откако ја изнајмил палатата.

По тоа, Ca’ Dario главно била запуштена, иако привлекла интерес кај некои потенцијални купувачи кои биле воодушевени од нејзината архитектура – меѓу кои се споменувал и Вуди Ален – но сите наводно ги одвратила морничавата репутација на вилата.

Во 2006 година зградата ја купила американска компанија во име на сегашниот сопственик, чиј идентитет не е објавен. Фактот што недвижнината оттогаш е празна дополнително ги разгорел приказните.

Арналдо Фузело, генерален директор на Christie’s во Венеција, изјавил дека Венецијанците сакаат да раскажуваат добра приказна, особено на туристите… Тој исто така укажал на „стотици“ жители низ вековите кои доживеале длабока старост во палатата, вклучувајќи го и Дарио, кој починал од природна смрт на 80-годишна возраст, пренесува Guardian.

Давид Бусато, историчар во Венеција, рекол дека гласините започнале во 1970-тите, но добиле замав по самоубиството на Гардини, предизвикувајќи медиумски бум.

„Венецијанците тоа го голтаа. Сакаат да раскажуваат приказни и сосема е нормално да претеруваат, како што правеле и со островот Повелја“, рекол Бусато, спомнувајќи го напуштениот и наводно проколнат остров во венецијанската лагуна.

„Венецијанците генерално се прагматични и обично не се суеверни, но сакаат да ги воодушевуваат луѓето, особено оние што доаѓаат однадвор“, додал Бусато.

Тој истакнал дека Венеција е полна со историски згради во кои се случиле убиства и самоубиства, а кои денес се луксузни хотели.

„Како и кај сите легенди, и оние што ја опкружуваат Ca’ Dario малку се измешани – раскажувачите земаат неколку конкретни факти и ги зголемуваат“, наведува историчарот.

Фузело е уверен дека зградата ќе ја надмине својата морничава репутација и конечно ќе биде продадена. Тој изјавил дека досега привлекла голем интерес и од Италијанци и од странци.

„Ова е место каде што историјата живее, а ако сакате да живеете историја, тогаш ова е совршен дом, иако е важно купувачот да се посвети на тоа оваа недвижнина да остане жива“, рекол Фузело.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk