Кратко по полноќ, во ноќта меѓу саботата и неделата, силна експлозија на гас во 0:34 часот од сон ги разбуди бројните виенци во 21. станбен округ Флоридсдорф. Една семејна куќа на улицата „Карл-Бенц-Вег“ е целосно урната, а бројни околни објекти, паркирани автомобили и прозорци се распарчени од детонацијата. Во инцидентот се повредени девет лица, од кои шестмина полесно, додека две лица се хоспитализирани, вклучувајќи и 25-годишна бремена жена.

Меѓу повредените е и 93-годишниот станар на куќата, кој живеел сам и имал доживотно право на престој. Него специјалците со кучиња трагачи и посебни камери го пронашле под урнатините во подрумот со изгореници од втор степен, по што веднаш е пренесен на интензивна нега.
Портпаролот на виенската полиција, Филип Хаслингер, извести дека Државното обвинителство издало налог за апсење на старецот, кој моментално е во болница под полициска присмотра, поради сомнение дека намерно ги преправал гасоводните цевки и предизвикал општа опасност по животите и имотот на луѓето.
Медиумите откриваат дека зад трагедијата стои тешка семејна драма – 93-годишникот веќе две години бил во жестока расправија со својот посвоеник, кој барал од него да ја напушти куќата и да отиде во старечки дом.
Следното судско рочиште за овој спор требало да се одржи за два дена, на 8 јули, но наместо тоа, куќата сега е крената во воздух. Точниот причинител сѐ уште не е официјално објавен, а осомничениот старец ќе биде сослушан штом ќе дозволи неговата здравствена состојба додека истрагата е во тек.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата