Ако во последно време сте заборавиле каде сте ги оставиле клучевите, сте ја изгубиле мислата среде реченица или попладневниот замор ве удира посилно од вообичаено, многу е лесно сè да им припишете на годините, стресот или хормоните. Но, ново истражување сугерира дека одговорот на таканаречената „магла во мозокот“ би можел да биде многу поедноставен и дека можеби веќе се наоѓа во вашата кујна.
Имено, научниците сè посериозно го истражуваат ефектот на екстра девственото маслиново масло врз здравјето на мозокот, а резултатите стануваат сè поинтересни, особено за жените во перименопауза и менопауза, кога хормоналните промени често влијаат на концентрацијата, паметењето и менталната јасност.
Излегува дека тоа златно-зелено маслиново масло што го додаваме во салатите и зеленчукот, освен што поволно влијае на срцето и холестеролот, има придобивки и за нашиот мозок. И тоа преку место за кое донеодамна речиси никој не размислуваше кога е во прашање менталното здравје ‒ цревата.
Придобивките од маслиновото масло
Во двегодишно истражување спроведено на повеќе од 600 возрасни лица, научниците следеле колку често испитаниците консумираат екстра девствено и обично маслиново масло, а потоа го анализирале нивниот цревен микробиом и когнитивните способности. Резултатите, објавени во списанието Microbiome, покажале дека лицата кои почесто користеле екстра девствено маслиново масло имале поголема разновидност на добри бактерии во цревата и подобри резултати кога станува збор за работата на мозокот и менталната јасност.
Со други зборови, луѓето кои почесто посегнувале по вистинското маслиново масло имале поотпорен и побистар ум.
Последниве години науката сè повеќе зборува за таканаречената оска црева-мозок, односно за непрекинатата комуникација меѓу дигестивниот систем и централниот нервен систем. Трилиони бактерии во цревата не учествуваат само во варењето на храната, туку влијаат и на воспаленијата во телото, расположението, концентрацијата и паметењето. Кога цревниот микробиом е во рамнотежа, и сигналите што патуваат кон мозокот се постабилни и помирни. Кога не е, расте нивото на воспаление во организмот, а последиците често се чувствуваат токму преку замор, заборавеност и чувство на ментална заматеност.
Жените и „маглата во мозокот“
А токму во средните години од животот, кога хормоналните промени се судираат со стресот, полошиот сон и забрзаниот начин на живот, многу жени за првпат сериозно го чувствуваат тоа непријатно чувство на „магла во мозокот“.
Научниците веруваат дека екстра девственото маслиново масло може да помогне токму затоа што изобилува со полифеноли, антиоксиданси и здрави мононезаситени масти кои ги хранат корисните бактерии во цревата и ги намалуваат воспалителните процеси во телото – вклучувајќи го и мозокот.
Завршен додаток на јадењата
Сепак, важно е да се нагласи дека секое маслиново масло не е еднакво.
Екстра девственото маслиново масло е најмалку преработената форма на маслиново масло. Се добива со ладно цедење на маслинките без високи температури и хемикалии, поради што ги задржува вредните полифеноли и антиоксиданси кои му го даваат карактеристичниот вкус. Рафинираните масла во текот на обработката губат голем дел од овие соединенија, па со тоа и дел од потенцијалните здравствени придобивки.
Добрата вест е што никој не очекува револуција во исхраната ниту ригорозни диети. Експертите истакнуваат дека и малите секојдневни навики можат да имаат долгорочен ефект. Една до две лажици екстра девствено маслиново масло врз салата, супа, зеленчук или интегрален тост се сосема доволни за почеток. Се препорачува и користење на маслиновото масло како завршен додаток на јадењата, на пример врз риба, пилешко или варен зеленчук, за да се зачуваат неговите чувствителни соединенија.
Во свет опседнат со скапи суплементи и велнес трендови, можеби е малку фасцинантно што еден од најмоќните сојузници за здравјето на мозокот со децении стои речиси незабележливо на кујнските полици на Медитеранот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата