logo
logo
logo

ГЛАСОТ ШТО ЈА РАЗБУДИ ПЛАНЕТАТА: Дејвид Атенборо полни 100 години

Vecer | 06.05.2026

ГЛАСОТ ШТО ЈА РАЗБУДИ ПЛАНЕТАТА: Дејвид Атенборо полни 100 години

По повеќе од 70 години снимање документарни филмови, препознатливиот глас на Атенборо стана синоним за раскажувањето за природата.

И покрај неговите пооодминати години, тој и понатаму е предводник на напорите за заштита на животната средина, а во последните години ги создаде некои од своите највлијателни дела. Меѓу обожавателите на Атенборо се и британското кралско семејство, Барак Обама и поп-ѕвездата Били Ајлиш, а неговата харизма, хумор и топлина, заедно со длабокото знаење и дарбата за раскажување, го направија телевизиска суперѕвезда. „Вашата способност да ги пренесете убавината и ранливоста на нашата природна околина е ненадмината“, му рече во 2019 година кралицата Елизабета Втора.

Национално богатство

Филмовите на Атенборо на гледачите ширум светот им ги пренесоа и чудата и трагедиите на природниот свет. Меѓу најпознатите сцени е средбата на Атенборо со две млади разиграни планински горили кои си играа со него за време на снимањето на култната серија „Животот на Земјата“ (Life on Earth) од 1979 година. Раскажувањето на Атенборо за „Осамениот Џорџ“, последниот примерок од желките од островот Пинта, кој набрзо потоа угина, ги трогна луѓето до солзи. „Има околу 80 години и малку му крцкаат зглобовите, како и мене“, рече Атенборо, тогаш 86-годишник.

Џорџ угина во 2012 година, две недели по тоа снимање, со што изумре и неговиот вид.

„Го сврте вниманието на светот кон кревкоста на нашата околина“, рече Атенборо.

Иако Атенборо често е на врвот на бројни национални анкети за популарност и е прогласуван за најценета личност во Велика Британија и најголема жива британска културна икона, пријателите велат дека тој превртува со очите кога го нарекуваат „национално богатство“. „Тој чувствува дека ѝ служи на јавноста. Мисли дека имал единствена можност да биде гласот на природата, на сите да им раскажува за чудата на природата“, изјави за Ројтерс Мајк Гантон, телевизиски продуцент кој многупати соработувал со Атенборо.

Неговиот блокбастер од 2017 година „Сината планета 2“ (Blue Planet II), во кој предупреди на опасноста од пластиката во океаните, имаше една од најголемите гледаности на британската телевизија пред да биде дистрибуиран ширум светот.

Фактот дека албатросите несвесно ги хранат своите птици со пластика извадена од океанот ја потресе јавноста и ги поттикна британската влада и големите трговци да најават мерки за намалување на употребата на пластика.

Посебни преноси и настани за стотиот роденден

Во Британија, неговиот стоти роденден ќе се одбележи со посебни програми на Би-би-си (BBC), концерт во живо во Ројал Алберт Хол, настани во музеи, прошетки во природа и садење дрвја. Ќе се прикажува и неговата нова серија „Тајната градина“.

Атенборо и понатаму е вклучен во создавањето на програмите, велат колегите од Би-Би-Си, воден од трајната љубопитност и радоста на раскажувањето.

Роден на 8 мај 1926 година, Атенборо го поминал детството собирајќи фосили, инсекти и исушени морски коњчиња. Неговата кариера во Би-Би-Си започна во 1954 година кога ја водеше емисијата „Zoo Quest“. Патуваше во оддалечени делови на светот и носеше животни во лондонската зоолошка градина.

Го прослави серијата „Животот на Земјата“, која почна да се прикажува во 1979 година кога тој имаше 52 години. Следуваа десетици документарци, меѓу кои „Сината планета“, „Замрзната планета“ и „Династии“.

Како што поминуваа децениите, неговото чувство за потреба од дејствување само растеше.

„Како би можел да ги погледнам своите внуци во очи и да им кажам дека знаев што се случува со светот, а не направив ништо?“, рече Атенборо.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk