Кучето кое живееше 10 години на гробиштата во Сао Паоло, каде почива неговиот сопственик, инспирираше нов закон во Бразил со кој се дозволува погребување на домашни миленици заедно со нивните сопственици.
Според BBC, законот е именуван по кучето Боб, со додатокот „Ковеиро“, што на португалски значи „гробар“.
Законот, именуван по кучето, стапи на сила на 10 февруари и признава „емоционална врска“ помеѓу домашните миленици и нивните човечки семејства, соопшти владата.
Боб бил присутен на погребот на својот сопственик и оттогаш одбивал да го напушти гробот. Дури и кога други членови на семејството се обидувале да го однесат дома, Боб постојано се враќал на гробиштата, пишуваат бразилските медиуми.
Бидејќи немал каде да оди, на гробиштето му направиле зелена куќичка за кучиња во која можел да живее, а бил познат и по тоа што ги следел погребните поворки.
На крајот, Боб исто така бил погребан на гробиштата, покрај својот сопственик, откако во 2021 година бил удрен од возило.
Со новиот закон е утврдено дека мачки и кучиња сега можат да бидат погребувани во семејните гробници во југозападниот дел на Бразил, под услов да се исполнети санитарните стандарди, а локалните погребни служби ги определуваат правилата за тоа.
Бразил е третата земја во светот по број на домашни миленици со 160 милиони животни, според податоците на Институтот за домашни миленици на Бразил.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата