logo
logo
logo

Прора: НАЈДОЛГАТА ЗГРАДА ВО ЕВРОПА СО ШОКАНТНА ИСТОРИЈА

Vecer | 05.05.2026

Прора: НАЈДОЛГАТА ЗГРАДА ВО ЕВРОПА СО ШОКАНТНА ИСТОРИЈА

На германскиот остров Риген, во Балтичкото Море, популарно и посетено летувалиште, луксузни апартмани со застаклени тераси речиси делат ѕидови со остатоците од некогашното нацистичко одморалиште.

Станува збор за огромниот комплекс Прора, познат и како Колосот од Прора, кој е изграден помеѓу 1936 и 1939 година, во рамките на проектот „Сила преку радост“ (Kraft durch Freude) со идеја дека „секој работник заслужува одмор на плажа“.

Програмата „Сила преку радост“

Се состоела од осум идентични згради со вкупна должина од 4,5 километри, распоредени долж плажата. Сепак, изградбата никогаш не била завршена, па овие објекти не биле користени за туристички цели.

Прора претставува впечатлив пример на архитектурата од Третиот рајх. Се наоѓа во простран залив, а зградите се изградени на околу 150 метри од песочната плажа.

Програмата „Сила преку радост“ била осмислена да ја привлече работничката класа, нудејќи културни настани и масовен туризам по пристапни цени. Исто така, обезбедувала можност за вградување на нацистичката идеологија преку постојана индоктринација со помош на пропаганда.

Шефот на Германскиот работнички фронт, Роберт Леј, чија организација ја вклучувала програмата „Сила преку радост“, ја замислувал Прора како паралела со одморалиштата Батлинс, кои биле дизајнирани да им овозможат на британските работници пристапен одмор.

Соби со поглед на море

Комплексот Прора бил замислен да прими 20.000 туристи. Го проектирал Клеменс Клоц, кој победил на конкурсот за дизајн, а надгледуван бил од Алберт Шпер – главниот архитект на Адолф Хитлер.

Според Википедија, сите соби имале поглед кон морето, додека ходниците и санитарните јазли биле свртени кон копното. Секоја соба со димензии 5x2,5 метри требало да има два кревета, гардеробер и мијалник. На секој кат имало заеднички тоалети, тушеви и бањи.

Плановите на Хитлер за Прора биле амбициозни. Тој сакал гигантско морско одморалиште, „најмоќното и најголемото што некогаш постоело“, со 20.000 легла. Во средината требало да се изгради огромна зграда.

Војната ја запрела изградбата

Работите започнале во 1936 година и во текот на неколку години, додека траела изградбата, сите главни компании на Рајхот и речиси 9.000 работници биле вклучени во проектот. До 1938 година, трошоците достигнале 237,5 милиони рајхсмарки (околу 899 милиони евра во 2009 година).

Со почетокот на Втората светска војна во 1939 година, изградбата на Прора била запрена, а работниците биле префрлени во фабриката за оружје во Пенеминде. Осумте станбени блокови, театарот и киното останале празни „школки“. Базените и фестивалската сала никогаш не биле изградени.

За време на сојузничкото бомбардирање, жителите на Хамбург се засолнувале во објектите во Прора, кои подоцна служеле и за сместување бегалци, а кон крајот на војната таму бил стациониран помошен персонал на Луфтвафе. По 1945 година, областа ја презела советската армија и ја користела како воена база, при што некои блокови биле урнати, а остатокот од комплексот бил запуштен сè до обновата кон крајот на педесеттите под управата на Источна Германија.

Продажба на објектите и инвестиции

Од 1956 година, објектот станал затворена воена зона на Националната народна армија на Источна Германија, каде биле сместени различни единици. По обединувањето, комплексот го презел Бундесверот, а потоа бил користен за различни намени, вклучувајќи и сместување бегалци од Балканот.

Во деведесеттите години дел од објектите пропаѓале, но некои сегменти се користеле како младински хостел и културен простор, додека од 2000 година во рамките на комплексот функционира документациски центар посветен на неговата историја и улога во нацистичката пропаганда.

Во 2004 година, по повеќе од една деценија неуспешни обиди комплексот да се продаде како целина, објектите во Прора почнале да се продаваат поединечно. Во наредните години, блоковите ги менувале сопствениците и намената: еден дел бил продаден за станбени и комерцијални проекти, друг за хотел, а некои блокови завршиле во рацете на инвеститори кои најавиле развој на продавници, станови и туристички содржини.

Од 2010-тите, комплексот постепено се трансформира во туристичка дестинација, со станови и апартмани кои се продаваат како летни резиденции, често по високи цени. До крајот на деценијата, поголемиот дел од единиците во обновените блокови нашле купувачи, а дел од нив се користат и за краткорочно туристичко изнајмување преку платформи за издавање.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk