Речиси една третина од мажите од генерацијата З веруваат дека жената секогаш треба да го слуша својот сопруг, според глобално истражување кое сугерира дека младите мажи имаат потрадиционални ставови за родовите улоги од постарите генерации..
Истражувањето спроведено на 23.000 луѓе во 29 земји, вклучувајќи ја Велика Британија, САД и Австралија, открило дека мажите родени помеѓу 1997 и 2012 година се двојно подложни на вакви ставови отколку беби-бумерите, родени помеѓу 1946 и 1964 година, пишува „Гардијан“.
Младите мажи двојно подложни на традиционални ставови
Според истражувањето на Ипсос и Глобалниот институт за женско лидерство на Кингс колеџ во Лондон, една третина (33%) од мажите од генерацијата З исто така веруваат дека мажот треба да го има последниот збор за важни одлуки. За споредба, само 13% од мажите беби-бумери се согласиле со тврдењето дека сопругата секогаш треба да го слуша сопругот. Меѓу жените, ваков став споделуваат 18% од припадничките на генерацијата З и 6% од жените беби-бумери.
Најголемиот процент на согласност бил забележан во Индонезија (66%) и Малезија (60%), додека во САД тој изнесува 23%, а во Велика Британија 13%.
Истражувањето открило и други значителни разлики во убедувањата меѓу генерациите. Скоро една четвртина (24%) од мажите генерација З сметаат дека жените не треба да бидат премногу независни, во споредба со 12% од беби-бумерите.
Исто така, 21% од младите сметаат дека „вистинската жена“ никогаш не треба да иницира секс, додека истото го мислат само 7% од беби-бумерите. Повеќе од половина (59%) од мажите генерација З изјавиле дека се очекува премногу од мажите во поддршката на родовата еднаквост, со што се согласуваат 45% од беби-бумерите.
Напредок со назадување
И покрај склоноста кон традиционални ставови, мажите од генерацијата З се и групата која најмногу верува дека жените со успешна кариера се попривлечни за мажите – со тоа се согласил 41% од нив.
Професорката Хејџунг Чанг, водителка на истражувањето, истакнала дека постојат охрабрувачки знаци, како силна поддршка за поголем број жени во политиката. Сепак, достапните податоци покажуваат дека ставовите стануваат се повеќе традиционални. Во 2019 година, на глобално ниво, 42% сметале дека женските права во нивната земја се доволно заштитени, додека денес така мисли 52%.
„Мислам дека постои многу грижа и страв дека мажите го губат својот социјален статус“, изјавила Чанг. „ Таа празнина е пополнета со реторика и гласови што се обидуваат да ги свртат младите мажи против родовата еднаквост, против младите жени и против мигрантите.“
Ограничувачки очекувања и за самите мажи
Резултатите сугерираат дека мажите генерација З имаат традиционални очекувања и за своето однесување. Триесет проценти од нив веруваат дека мажите не треба да кажуваат „те сакам“ на своите пријатели, во споредба со 20% од беби-бумерите. Исто така, 21% сметаат дека мажите кои учествуваат во грижата за децата се помалку машки, додека истото го мислат само 8% од беби-бумерите.
Џулија Гилард, претседателка на Глобалниот институт за женско лидерство и поранешна австралиска премиерка, изјавила дека резултатите се загрижувачки. „Многу мажи од генерацијата З не само што поставуваат ограничувачки очекувања за жените, туку и сами се заробуваат во рестриктивни родови норми. Мора да продолжиме да ја разбиваме идејата дека ова е игра во која само жените имаат корист од родово еднаков свет.“
Економска несигурност и криза на машкоста
Професорката Чанг смета дека економските фактори исто така можат да играат улога. „Во претходните генерации, мажите, социјолошки гледано, можеле да ја покажуваат машкоста преку улогата на прехранбеник на семејството, преку финансиски придонес, работи како купување на куќа и улогата на заштитник.“
„За младите мажи ширум светот, тие можности се сè потешко достапни. Затоа можеби чувствуваат губење на можности, а истовремено не им се нудат позитивни и разновидни претстави на машкоста“, додала таа.
Податоците откриле и јаз меѓу личните убедувања за родовите улоги и тоа што луѓето мислат дека општеството очекува. Во Велика Британија, на пример, само 14% лично сметаат дека жените треба да преземат поголем дел од грижата за децата, но 43% мислат дека се очекува жените да бидат главни или исклучиво одговорни за тоа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата