logo
logo
logo

Храна која го олеснува живеењето ВО УСЛОВИ НА ЗАГАДЕН ВОЗДУХ

Vecer | 22.12.2025

Храна која го олеснува живеењето ВО УСЛОВИ НА ЗАГАДЕН ВОЗДУХ

Во текот на зимските месеци, жителите на урбаните средини многу често се изложени на зголемени концентрации на загадувачки материи во воздухот, што неповолно влијае првенствено врз респираторните и кардиоваскуларните функции.

Покрај стандардните јавно-здравствени препораки кои се однесуваат на спречување на навлегувањето на честички од загаден воздух во човечкиот организам, правилната исхрана има одредена улога во одбраната од неповолното влијание на загадениот воздух. Иако исхраната не може да ги замени основните мерки за намалување на загадувањето, правилно избраните намирници можат да придонесат за зајакнување на одбранбените механизми на организмот и ублажување на негативните ефекти од загадениот воздух.

Штетните ефекти од загадениот воздух, меѓу другото, се манифестираат и преку предизвикување оксидативен стрес, односно нарушување на рамнотежата меѓу создавањето на слободни радикали и способноста на организмот да ги неутрализира преку антиоксидативна заштита.

Поради тоа, се препорачува исхрана богата со антиоксиданси, витамини и минерали, како и со незаситени масни киселини (медитерански тип на исхрана), кои помагаат во намалување на оксидативниот стрес предизвикан од загадувачките материи во воздухот. Особено значајни се зеленчукот и овошјето богати со витамини Ц и Е, како што се зелка, брокула, спанаќ, пиперка, цитрусни овошја, киви, јаболка, како и јаткастите плодови и семките.

Зеленчукот богат со каротеноиди, особено бета-каротен, како што се морков, тиква, сладок компир (батат), диња, исто така има поволно дејство како антиоксиданс за нашиот организам.

Омега-3 масните киселини, присутни во сината риба (сардина, скуша, лосос), оревите, чиа и лененото семе, исто така имаат поволно влијание врз воспалителните процеси во организмот.

Во зимскиот период важно е да се обрне внимание и на доволниот внес на витамин Д, чиј природен извор – сончевата светлина – е ограничен. Намирници како масна риба, јајца и збогатени млечни производи можат да помогнат во одржување на соодветно ниво на овој витамин. Покрај внесот преку исхраната, во зимските месеци се препорачува и суплементација со проверени препарати.

Исто така, доволниот внес на течности, првенствено вода и топли билни чаеви, придонесува за зачувување на влажноста на слузницата на дишните патишта, како и за испирање и полесно исфрлање на штетните материи од организмот. Се препорачува ограничување на внесот на индустриски преработена храна, намирници богати со заситени масти, сол и додадени шеќери, бидејќи таквата храна дополнително го оптоварува организмот и на тој начин го слабее имунолошкиот одговор.

Умерена, разновидна и редовна исхрана, заедно со доволно квалитетен сон и физичка активност во затворен простор, претставуваат важен дел од грижата за здравјето во текот на зимските месеци во услови на загаден воздух. Покрај тоа, ваквата исхрана се препорачува и за пушачи, лица под стрес или оние кои се склони кон чести инфекции.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk