Кога ќе почнеме да забораваме ситници, како клучеви, нечие име или важен термин, кај многумина првата помисла е Алцхајмеровата болест. Стравот е особено чест во средната и подоцнежната возраст, бидејќи заборавеноста најчесто се доживува како прв знак на сериозно невродегенеративно заболување. Сепак, експертите нагласуваат дека деменцијата не е единствената, ниту најчестата причина за проблеми со памтењето.
– Луѓето можат да опишуваат слични симптоми, но лекарот врз основа на прегледи и тестови може да процени кои делови од мозокот се зафатени и што навистина се случува со когнитивните функции. Многу пациенти сè уште ја имаат способноста за учење и памтење, но поради преоптовареност, стрес или други животни околности, тие информации потешко ги усвојуваат и ги повикуваат од меморијата – објаснува д-р Сет Гејл, невролог во болницата Brigham and Women’s и професор на Универзитетот Харвард.
Поради тоа е важно за проблемите со памтењето да се разговара со лекар, за да се утврди вистинската причина. Когнитивните тестови, невролошкиот преглед, а во некои случаи и снимања како магнетна резонанца, помагаат да се разјасни што стои зад заборавеноста.
Долготрајна психичка напнатост
Еден од честите, но често занемарени фактори се стресот, анксиозноста и депресијата. Долготрајната психичка напнатост може да влијае на вниманието и способноста за концентрација, што го отежнува памтењето на нови информации.
– Ако не можете да се фокусирате, не можете ни да запомните. Хроничниот стрес, доколку не се лекува, може да придонесе за развој на депресија, која исто така влијае врз мозочните функции, вклучително и памтењето – вели д-р Константин Ликецос, невролог и психијатар од Универзитетот Џонс Хопкинс.
Несоница
Проблемите со спиењето се уште една важна причина. Несоницата, нарушувањата на ритамот на спиење и апнејата при спиење – состојба при која доаѓа до краткотрајни прекини на дишењето во текот на ноќта – се поврзани со послабо памтење и когнитивен пад. Недостатокот на сон доведува до замор, „мозочна магла“ и отежнато присетување информации. Кај лицата со апнеја, честите прекини во дотокот на кислород до мозокот може долгорочно да влијаат врз мозочните структури задолжени за просторна ориентација и меморија.
Лекови
Одредени лекови исто така можат да влијаат врз памтењето. Антихистаминици, седативи, лекови против анксиозност и депресија, терапии за епилепсија, висок крвен притисок, дијабетес или Паркинсонова болест – сето тоа во поединечни случаи може да придонесе за заборавеност и конфузија. Американската агенција за храна и лекови предупредува и дека статините, лекови за намалување на холестеролот, кај мал број луѓе можат да предизвикаат привремени когнитивни нарушувања.
Недостаток на витамин Б12
Важна, но често непрепознаена причина е и недостатокот на витамин Б12, кој е клучен за нормално функционирање на нервниот систем. Неговиот недостиг може да доведе до конфузија, послабо памтење и невролошки симптоми. Ризикот е поголем кај постарите лица, луѓето со дигестивни нарушувања, веганите, како и кај оние кои користат одредени лекови или прекумерно консумираат алкохол.
Тивок мозочен удар
Уште една можна причина (како резултат на сложен, повеќегодишен процес) е таканаречениот „тивок“ мозочен удар – мали оштетувања на мозочното ткиво кои поминуваат без очигледни симптоми, но со текот на времето можат да доведат до постепено когнитивно опаѓање. Овие промени, познати како васкуларно когнитивно оштетување, се поврзани со нарушен доток на крв и кислород до мозокот, а истражувањата укажуваат дека послабите когнитивни способности можат да бидат и ран знак на кардиоваскуларни заболувања.
Поретко присутни причини
Поретките причини за проблеми со памтењето вклучуваат тешки инфекции, повреди на главата, тумори на мозокот, како и долготрајна злоупотреба на алкохол и психоактивни супстанции. Кај некои луѓе и инфекции како долготрајниот ковид можат да остават последици во вид на ментална забавеност и заборавеност.
– Многу од овие причини се реверзибилни и кога основниот проблем ќе се препознае и лекува, когнитивните функции често можат значително да се подобрат – порачува Гејл.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата