Речиси и да не постои личност на која бисквитот Petit Beurre не ѝ го обележал детството. Овој едноставен, но препознатлив бисквит, чие име во превод од француски значи „мал путер“, со години е неизоставен дел од кујните ширум светот. Го јадевме сам, го кршевме во млеко, го редевме во брзи колачи без печење или го користевме како основа за разни десерти.
Сепак, зад овој навидум обичен бисквит се крие приказна што многумина не ја знаат.
Наста̀нал во Франција, станал светски хит
Бисквитот Petit Beurre настанал во Нант, Франција, а го создала компанијата LU, која и денес е еден од неговите најпознати производители. За првпат бил направен далечната 1886 година, а негов автор бил Луј Лефевр.
Инспирацијата за обликот на бисквитот Лефевр ја пронашол во – подметнувачот на својата баба. Она што започнало како едноставна идеја, многу брзо станало симбол на француското слаткарство.
Обликот на бисквитот го слави времето
Најинтересниот факт поврзан со бисквитот Petit Beurre се крие токму во неговиот дизајн. Иако ретко кој ги брои деталите пред да го изеде, секој елемент има посебно значење.
Бисквитот има: – четири мали „увца“ кои ги симболизираат четирите годишни времиња, – 52 назабени рабови што ги претставуваат 52-те недели во годината, – 24 ситни дупчиња кои ги означуваат 24-те часа во денот.
Дури и пакувањето има своја симболика – традиционално содржи 24 бисквити, што дополнително ја нагласува поврзаноста со текот на времето.
Препознатливиот дизајн останал непроменет
И денес Petit Beurre го задржал својот оригинален изглед: назабени рабови, ситни дупчиња на површината и препознатливо „увце“ во секој агол. Токму овој дизајн го направил еден од најпрепознатливите бисквити во светот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата