Стотици мајки и новороденчиња починале или претрпеле тешки последици поради долгогодишни пропусти во британскиот здравствен систем, покажува најголемата истрага за породилна грижа во историјата на Националната здравствена служба (NHS), пренесе „Sky News“.

Независната истрага, предводена од Дона Окенден, утврдила сериозни недостатоци во породилната и неонаталната грижа во болничкиот систем „Нотингем Универзити Хоспиталс“. Според извештајот, во најмалку 444 породилни случаи и уште 76 случаи со новороденчиња трагичните исходи можеле да бидат избегнати.
Меѓу причините се наведуваат недостаток на кислород при породување, лошо водени породувања, болнички инфекции и несоодветна грижа по раѓањето.

Сведоштвата на семејствата откриваат трауматични искуства, а извештајот говори и за „токсична култура на малтретирање“ која со години владеела во установата.
По објавувањето на наодите, раководството на болницата јавно им се извини на семејствата, признавајќи дека системот ги изневерил пациентите. Иако во меѓувреме биле воведени реформи, истрагата се смета за еден од најголемите здравствени скандали во современата историја на Велика Британија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата