Вакцина против хантавирус може да се развие, но ако се имплементира според сите стандарди и ги помине сите потребни тестови, тој процес би можел да трае неколку години, изјави епидемиологот на Руската академија на науките и заменик-претседател на Руската академија за образование Генадиј Онишченко.
„Подготвени сме да произведеме вакцина. И тоа не е толку научен предизвик колку технолошки. Може да се направи на ист начин како што направивме со коронавирусот. Но, се разбира, ако ги следиме сите стандарди за регистрација на лекови – претклинички испитувања, потоа три фази на клинички испитувања – самиот процес на регистрација ќе трае неколку години“, изјави Онишченко за ТАСС.
Тој истакна дека останува прашањето против кој сој на хантавирус треба да се вакцинираат луѓето – има повеќе од 40 од нив – но нема потреба да се развиваат лекови против сите нив одеднаш. Исто така е важно да се разбере точно кој треба да се вакцинира, истакна рускиот епидемиолог.
Онишченко, исто така, нагласи дека подготвеноста на една земја да спречи епидемија на хантавирус зависи 70 проценти од нејзините граѓани, пренесува Танјуг.
Според него, важно е граѓаните да ги слушаат советите, да избегнуваат патувања во ендемски земји и да преземат други мерки на претпазливост.
Онишченко истакна дека најсовремената медицина и тестирање нема да можат ефикасно да се борат против вирусот ако луѓето не ги почитуваат мерките на претпазливост. Тој, исто така, рече дека од безбедносни причини, луѓето треба да се воздржат од патување во Аргентина и земјите од Југоисточна Азија, особено затоа што сè уште нема вакцина за хантавирус.
Тој додаде дека е важно да не се заборави на другите мерки на претпазливост, имајќи предвид дека хантавирусот се пренесува преку респираторниот тракт, преку близок контакт, а може да се шири и преку храна, особено ако не се почитуваат правилата за складирање.
Епидемија на смртоносен хантавирус (сој од Андите) избувна на холандскиот крузер „MV Hondius“ во април годинава, додека тој беше на пат од Аргентина кон Зелен ’Рт, а СЗО предупредува дека се очекува зголемување на бројот на случаи поради долгиот период на инкубација (шест до осум недели) и блискиот контакт на патниците.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата