Според пишувањето на „Мирор“, „Симпсонови“ уште во 2012 година предвиделе испловување на крузер зафатен од вирус. Во епизодата каде што Марџ и Хомер се на крузер со своите деца, одеднаш на бродот се огласува аларм, а на џиновскиот екран се емитува видеопорака од генералот Вилијам Саливан.
„Смртоносниот вирус ’Пандора‘ брзо се шири. Сите бродови мора да останат на море“, порачува тогаш генералот, што предизвикува паника на бродот.
Весникот напоменува дека, според сценариото, всушност немало вирус, туку тоа било шега на Барт Симпсон, кој сакал да си го продолжи одморот. Ова не е првпат „Симпсонови“ да предвидуваат настани со години, па дури и децении пред тие навистина да се случат.
Оваа анимирана серија, на пример, го предвиде договорот меѓу компаниите „Волт Дизни“ и „21st Century Fox“, претседателскиот мандат на Доналд Трамп и појавувањето на „Apple Watch“.
Смртоносниот хантавирус изби на холандскиот крузер „MV Hondius“ во април оваа година, додека бил на пат од Аргентина за Зеленортските Острови, а СЗО потврди седум случаи на инфекција и три смртни случаи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата