Често се жалите самите себе и постојано сте под стрес бидејќи не стигнувате да направите сè што „би требало“? Склони сте од мува да правите слон и во сè гледате само негативности? Ако е така, овој текст во голема мера се однесува на вас. Крајно време е да ја смените перспективата и да го украсите лицето со насмевка!
Дали знаевте дека луѓето со здрава смисла за хумор, кои често се смеат, живеат подолго и се поздрави и повитални од „намќорите“? Нивната тајна, всушност, не се крие во гените, туку едноставно во – поинаквиот пристап кон животот. Тие одлучиле да го гледаат животот од друг агол, од посветлата страна. И тоа повеќекратно им се исплати!
Најдобриот начин да си обезбедите задоволство, здравје, долговечност и виталност е секојдневните настани да не ги примате при срце и да не создавате проблеми таму каде што ги нема. Иако во животот не течат секогаш мед и млеко и ситуациите навистина можат да бидат сериозни (на пример, отказ, тешка болест или смрт во семејството), сè што се случува зазема совршено место во нашиот живот, како делчиња од сложувалка.
Животот како филмска лента
Зошто уште денес не внесете малку ведрина и леснотија во вашето секојдневие? Едноставно е. Еве што можете да направите:
- Прифатете ги настаните такви какви што се.
- Не ја „мачете главата“ со она што не можете да го промените.
- Бидете како дете и сфатете го животот како игра (бидејќи тој тоа и е).
- Опуштете се и дишете длабоко.
- Настаните секогаш набљудувајте ги од здрава дистанца.
Испробајте го и овој пристап: замислете дека седите во кино и се гледате себеси како главен јунак на филмското платно. Сетете се какви сте во ситуации кога ситниците ве исфрлаат од такт. Бидете објективен набљудувач на самите себе. Кога малку подобро ќе согледате на што му придавате важност, слатко ќе си се насмеете и автоматски ќе го коригирате своето однесување.
Животот е повеќе како танц или музика, а помалку патување до одредена дестинација, вели британскиот филозоф Алан Вотс. Се чини дека сепак сме тука за да уживаме во она што ни е подарено и попат, секако, нешто да научиме.
Штом ја промените перспективата, ќе забележите дека вашето секојдневие е исполнето со забавни, често и комични ситуации, бидејќи ништо не е толку сериозно како што изгледа на прв поглед.
3 причини да го гледате животот од посветлата страна
1) Загриженоста создава нов проблем – болест
Човекот на 21 век е оптоварен со тоа што интернетот му е бавен, костумот не му стои добро или фризурата не му е совршена, некој му напишал лош коментар под профилот и слично. Дали ви изгледа тоа малку важно кога ќе земете предвид, на пример, дека децата во Африка умираат од глад, дека многу луѓе немаат ниту вода за пиење, дека изумираат бројни животински видови...?
Кога знаеме дека загриженоста е целосно непродуктивна и бесмислена, зошто толку време трошиме токму на неа? Не само што со загриженоста нема да ги решите проблемите, туку ќе добиете уште еден – болест. Поради постојаната грижа и стрес, можете тешко да се разболите.
Животот е толку стресен колку што вие самите ќе го направите.
2) Сè е минливо, дури и вашето тело
Сè на овој свет е минливо и релативно. Сè се менува, па и вие самите (погледнете го само вашето тело). Зошто би го сфаќале премногу сериозно она што ви се случува сега, кога за еден месец или за една година тоа ќе се смени и веќе нема ни да се сеќавате на она што ви задавало толку грижи?
А што кога вашите планови ќе пропаднат? Ни тоа не е причина да бидете сериозни и огорчени. Сетете се на изреката: „Човек планира, Бог се смее“. Понекогаш нашите планови едноставно не се вклопуваат во многу пошироката слика на универзумот. А можеби вашиот план не успеал токму затоа што зад аголот ве чека нешто многу подобро.
Што и да се случува и во кој било правец да оди вашиот живот, секогаш повторувајте си: „И ова ќе помине“. И ќе бидете многу помирни и посреќни.
3) Смеењето е здраво и не ве чини ништо
Откако ќе престанете да се сфаќате себеси премногу сериозно, природно ќе почнете повеќе да се смеете. Многу ситуации кои ви биле тешки и напорни сега ќе ви измамат насмевка, а на некои дури и громогласно ќе се насмеете.
Смејте се што почесто бидејќи тоа е здраво. Смеењето е и „заразно“. Ќе го пренесете и на луѓето околу вас, кои во ваша близина нема да можат да бидат ниту тажни ниту депресивни. Едноставно ќе ја проширите својата зона на ведрина.
Бенефити од смеењето:
- го намалува крвниот притисок
- го зголемува внесот на кислород и ја поттикнува циркулацијата
- ги ублажува болките
- го штити здравјето на срцето и крвните садови
- го зајакнува имунолошкиот систем
- ги намалува воспалителните процеси во организмот
- го намалува нивото на кортизол
- го ублажува стресот и анксиозноста
- поттикнува лачење на ендорфин (хормонот на среќата)
Во книгата „Анатомија на болеста“, Норман Казинс опишал како со помош на смеењето, односно гледајќи комедии, ја излекувал својата тешка дегенеративна болест на ’рбетот. Исто така, едно 15-годишно истражување покажало дека жените со добра смисла за хумор имаат дури 75% помал ризик од смрт предизвикана од срцеви болести. Кај ведрите мажи, ризикот од смрт како последица на инфекции е исто така помал за 75%!
Луѓето кои често се смеат најчесто живеат подолго од 85 години.
Можеби и на ова истражување тие слатко би се насмеале.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата