Описот звучи примамливо: „Собрана во подножјето на хималајскиот планински венец... содржи повеќе од 80 минерали во траги кои ги задоволуваат потребите на нашето тело.“ Звучи како некоја нова суперхрана или лековит чај, нели? Но, станува збор за добро осмислен маркетинг за сол. Поточно, розова хималајска сол.
Често и трипати поскапа од обичната кујнска сол, овој вид седи на луксузниот трон на пазарот кој во последниве години експлодираше – од ароматизирани соли до чадена морска и црна лава сол.
Секоја доаѓа со тврдења за единствен вкус или здравствени придобивки, но може ли солта некогаш да биде добра за вас? Докторката Емили Лиминг за Daily Mail донесе „пресуда“.
Хималајска измама?
Хималајската сол се рекламира како богата со минерали и „поприродна“ од конвенционалната кујнска сол. Но без разлика на бојата, големината на кристалите или цената, главната состојка на сите овие соли е натриум-хлорид.
Сите треба да внесуваме малку сол: натриумот, заедно со хлоридот, помага во одржување на рамнотежата на течностите во телото и овозможува правилна работа на мускулите и нервите. Но, премногу натриум предизвикува задржување вода, го зголемува волуменот на крвта и го покачува крвниот притисок. Високиот крвен притисок е „тивок убиец“ бидејќи многумина го имаат, а не се ни свесни за тоа.
Официјалните препораки советуваат дневна граница од шест грама сол (приближно една лажичка). Во реалноста, повеќето од нас внесуваат осум до девет грама дневно, главно преку леб, житарки и готови јадења.
А што е со тврдењата за минералите во хималајската сол? Иако содржи магнезиум, калиум и железо, тие се присутни во толку мали количини што практично се занемарливи. Студија од 2020 година покажала дека би требало да изедете повеќе од 30 грама хималајска сол дневно – што е петпати повеќе од препорачаниот лимит – за тие минерали да имаат каков било ефект.
Проблемот со јодот
Од друга страна, обичната кујнска сол често е јодирана, што е клучно за создавање хормони на тироидната жлезда. Замена на јодираната сол со модерни, нејодирани соли може ненамерно да го зголеми ризикот од недостаток на јод, освен ако не консумирате многу млечни производи, морска храна и јајца.
Зошто солта во листови е подобра?
Кога станува збор за вкусот, постои предност во користењето сол во листови. Поради поголемата површина, таа дава поинтензивно чувство на соленост, што значи дека може да се користи помалку, а да се постигне ист ефект на вкус.
Ако пак копнеете по солен вкус, а сакате да го намалите внесот на натриум, опција е сол со намален удел на натриум. Таа се добива со мешање на натриум-хлорид со калиум-хлорид. Калиумот помага во намалување на крвниот притисок бидејќи поттикнува исфрлање на вишокот натриум. Сепак, внимание: лицата со заболувања на бубрезите или оние што земаат одредени лекови за притисок треба да се консултираат со лекар пред да преминат на овој вид сол.
Скриена опасност
Околу три четвртини од солта што ја внесуваме доаѓа од готова храна како сирење, сосови и преработено месо. Готвењето дома со користење зачини, лук, цитруси и оцет може да помогне да се намали внесот на сол без губење на вкусот. И добра вест: на сетилата за вкус им се потребни само околу две недели за да се навикнат на помалку солена храна.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата