Кога станува збор за здрав начин на живот, многумина веруваат дека слатките мора целосно да се исфрлат од исхраната. Сепак, експертите велат дека тоа не е секогаш неопходно – клучот е во умереноста и правилниот избор.
Малите, внимателни промени во секојдневната исхрана можат значително да придонесат за подобро здравје. Наместо целосни забрани, сè повеќе се нагласува важноста од разбирање на составот на храната и нејзиното влијание врз организмот.
Според потрошувачката организација Which?, една од намирниците што може да има позитивен ефект е чоколадата – но само доколку станува збор за темна чоколада со висок процент на какао.
Истражување спроведено од научници на King’s College London укажува дека теоброминот, природно соединение присутно во какаото, може да биде поврзан со процесите на забавено стареење. Овој состојок се доведува во врска со потенцијално позитивно влијание врз биолошката возраст, пренесуваат британските медиуми.
Во студија објавена во декември минатата година, било утврдено дека лицата со повисоки нивоа на теобромин во крвта покажувале пониска биолошка возраст во однос на нивната реална, хронолошка возраст.
Професорката Џордана Бел, главна авторка на истражувањето и професорка по епигеномика, истакнува дека резултатите не значат препорака за зголемена консумација на чоколада. Наместо тоа, тие придонесуваат за подобро разбирање на улогата што одредени секојдневни намирници можат да ја имаат во процесот на здраво стареење.
Нутриционистите појаснуваат дека во Обединетото Кралство, за еден производ да се означи како темна чоколада, мора да содржи најмалку 35 проценти какао, иако најчесто на пазарот се достапни чоколади со 70 проценти или повеќе.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата