Грчките рибари деновиве тргнаа во голема акција на лов на „риба-зајак“, инвазивна вредност која последните години забрзано се шири по Средоземното Море и предизвикува сè поголема загриженост меѓу експертите. Станува збор за риба-надувувач (Lagocephalus sceleratus), вид кој за првпат е забележан во грчките води во 2005 година, а денес е присутен речиси долж целата брегова линија. Експертите предупредуваат дека таа исклучително брзо се размножува и дека само една женка може да снесе и до милион јајца годишно. Освен што ги загрозува домашните видови, таа им прави и огромен проблем на рибарите. Според проценките, просечната годишна штета што ја трпат грчките рибари поради овој вид надминува 6.000 евра по рибар, бидејќи им ги уништува мрежите и им го намалува уловот.
Последните денови вниманието на јавноста го привлече и видео кое кружи на социјалните мрежи, а на кое се гледа како „рибата-зајак“ без поголеми проблеми прогризува алуминиумска лименка.
Иако ретко напаѓа луѓе, нејзините силни вилици можат да предизвикаат болни повреди и сериозни крвавења. Експертите им советуваат на капачите, нуркачите и рибарите да не ја допираат со голи раце и да бидат особено внимателни ако ја забележат во плитките води.
Дополнителен разлог за загриженост е фактот што овој вид содржи тетродотоксин, еден од најсилните природни отрови. Конзумирањето на оваа риба може да предизвика парализа, престанок на дишењето, па дури и смрт, поради што е строго забранета за исхрана.
За да ја намалат нејзината бројност, рибарите од цела Грција до крајот на јуни учествуваат во организиран излов, а грчката влада размислува за субвенционирање на уловот, каде би се плаќало околу 6 евра по килограм уловена риба. Веќе се покренати и истражувачки програми во рамки на ЕУ за преработка на овој вид во рибино брашно и сточна храна, преку развој на технологии за отстранување на токсинот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата