logo
logo
logo

Драматично предупредување!

ОПАСНОСТ ОД СИЛЕН ТЕКТОНСКИ УДАР поради голем сеизмички притисок

Vecer | 26.06.2026

ОПАСНОСТ ОД СИЛЕН ТЕКТОНСКИ УДАР поради голем сеизмички притисок

Рускиот полуостров Камчатка се наоѓа под висок сеизмички притисок, откако во рок од само седум дена беа регистрирани дури 10 силни земјотреси кои ги вознемирија жителите, соопштија научниците од рускиот Геофизички завод.

Според официјалните информации кои ги пренесува агенцијата ТАСС, дури осум од овие потреси биле директно почувствувани во градот Петропавловск-Камчатски. Научниците предупредуваат дека нивото на сеизмичка активност во таканаречената „зона на субдукција“ во моментов е исклучително високо.

Тоа се опасни геолошки подрачја каде што една тектонска плоча се подвлекува под друга и тоне во Земјината обвивка. Овој процес ја менува Земјината кора, создава вулкански лакови, но и ги генерира најразорните земјотреси во историјата на човештвото.

Има ли врска Камчатка со Венецуела?

Оваа серија потреси, меѓу кои и последниот со магнитуда од 5,0 степени според Рихтер, во јавноста отвори прашања дали планетата се соочува со некаков глобален тектонски бран, особено по неодамнешните разорни земјотреси во Венецуела.

Сепак, професорот Иван Кулаков од Руската академија на науките ја смирува паниката и објаснува дека овие настани не се механички поврзани:

„Земјотресот предизвикува пукање на карпите, исто како кога сантите мраз на реката се кршат за време на поплава. Ако една санта се скрши на почетокот на реката, тоа нема да влијае на ледот на сосем другиот крај. Слично на тоа, потресот во Венецуела не може механички да влијае на Земјината кора на спротивната страна од планетата“, дециден е Кулаков.

Сеќавање на минатогодишниот кошмар

На Камчатка во моментов е прогласена состојба на висока тревога, а тамошното население уште добро го памети ужасот од пред помалку од една година. На 30 јули 2025 година, овој регион беше погоден од монструозен земјотрес со јачина од дури 8,8 степени според Рихтеровата скала — најсилниот во тој дел од светот уште од далечната 1952 година.

Тогашниот земјотрес крена опасни цунами бранови во Тихиот Океан, поради што Јапонија, САД и Филипините мораа итно да прогласат евакуација на крајбрежните зони. Токму затоа, секоја нова серија на силни потреси во овој регион го држи целиот Пацифик на штрек. Истражувањата и мониторингот на теренот продолжуваат под засилен надзор.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk