Петок 13-ти е датум што кај многумина предизвикува непријатност, а кај некои и отворен страв, па дел од луѓето претпочитаат да го поминат дома, обидувајќи се да ја избегнат можноста да им се случи „нешто лошо“.
Од каде потекнува ова верување и зошто токму петокот и бројот 13 се поврзани како симбол на несреќа?
Спој на „несреќни“ знаци
Верувањето дека бројот 13 носи малер постои со векови. Во христијанската традиција на Тајната вечера имало 13 лица – Исус Христос и 12 апостоли – а Јуда Искариотски, кој го предал, бил тринаесетти на масата. Таа симболика се пренесувала низ историјата, а и денес во многу средини се избегнува бројот 13: хотелите го прескокнуваат 13-тиот кат, во авионите нема ред со тој број, а некои ресторани немаат маса означена со број 13.
Како петок 13-ти стана синоним за несреќа?
И самиот петок со векови стекнал лоша репутација. Во средниот век се сметало дека е ден поврзан со погубувања и несреќи. Според некои толкувања, токму во петок Адам и Ева биле протерани од рајот, а Исус бил распнат. Со спојувањето на овие два „неповолни“ елемента настанал датум кој во популарната култура прераснал во глобален симбол на лоша среќа.
Темплари, нордиски приказни и поп-култура Една од попознатите теории се однесува на петок, 13 октомври 1307 година, кога францускиот крал Филип IV наредил апсење на голем број членови на Темпларски ред. Многумина тогаш биле уапсени, мачени и погубени, што дополнително ја засилило мрачната симболика на овој датум.
Во нордиската митологија тринаесеттиот гостин на гозбата на боговите бил Локи, бог на измамата и хаосот, чиј доаѓање довело до смртта на богот на светлината Балдер. И оваа приказна често се наведува како митолошка основа на суеверието.
Значаен дел од современиот страв од петок 13-ти се должи и на Холивуд. Од осумдесеттите години на минатиот век хорор-филмот Friday the 13th со ликот на Џејсон Вурхис дополнително ја зацврсти претставата за овој датум како симбол на страв и несреќа. Филмовите, книгите и популарната култура силно придонесоа за неговото место во колективната свест.
Страв со научно име
Стравот од петок 13-ти има и свое име – трискаидекафобија. Станува збор за специфичен облик на суеверие кој кај некои луѓе може да предизвика анксиозност, па дури и избегнување патувања, важни одлуки или деловни обврски тој ден.
Иако нема рационална основа за страв од петок 13-ти, многумина и понатаму на тој датум посегнуваат по амајлии, ги одложуваат важните планови или се прекрстуваат кога ќе го погледнат календарот.
Среќата зависи од гледиштето
Има и такви што сметаат дека петок 13-ти е всушност поволен ден – можност да се спротивставиме на суеверието, да ги разбиеме предрасудите и да започнеме нешто ново. Како што вели народната изрека, среќата ги следи храбрите, па можеби токму овој петок 13-ти може да биде момент за чекор што долго се одложувал.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата